Иницијативата за бесплатни градинки пред советниците на Карпош, од Аеродром рекоа „не“

unsplash
Фото: Unsplash

Од Левица сметаат дека со ослободување од партиципација, ќе се надмине бариерата во економските разлики и сите деца еднакво ќе имаат стартна основа за вклучување во образованието уште од најмала возраст

Советниците од Советот на Општина Карпош  седницата во среда ќе ја разгледуваат иницијативата со која се предлага престојот и исхраната во градинките „Орце Николов“, „Мајски цвет“, „Распеана младост“ и „Пролет“ да бидат ослободени од партиципација.

Иницијативата е поднесена од советничката од Левица, Ивана Стоименовска, и во неа се нагласува дека имајќи предвид дека основното образование според Уставот е бесплатно, логично е и овој дел од образованието да биде бесплатен.

 На територијата на Општина Карпош живеат и жители што имаат релативно ниски примања, живеат со минимална плата и наша должност е на генерациите што доаѓаат да им обезбедиме подобра егзистенција и перспектива. Со тоа ќе ја надминеме бариерата во економските разлики и сите деца еднакво ќе имаат почетна основа за вклучување во образованието уште од најмала возраст – се наведува во образложението на иницијативата.

Од Левица апелираат до советниците на другите политички партии застапени во Советот да се одважат и да ја поддржат оваа иницијатива, која ќе влијае стимулирачки за голем број семејства од општината, особено сега во услови на економска криза

Партијата поднесе ваква иницијатива во повеќе општини каде што има свои претставници во Советот, па е побарано градинките да бидат бесплатни за престој на децата во општините Ѓорче Петров, Бутел, Кисела Вода, како и во Аеродром каде што не го помина советничкиот „филтер“.

 Водењето политика не смее да биде врз грбот на народот. Советниците на Левица досега ги поддржаа сите предлози од ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ кои беа во корист на жителите и општина Аеродром и истото ќе го прават секогаш, без разлика на чиј предлог се поставени на дневен ред. Нас нема да нè обесхрабрат нивните блокади и неприфаќање иницијативи што значат многу за животот на народот на Аеродром, па само ќе им порачаме дека не застануваме со предлагање суштински предлози за подобрување на квалитетот на животот на аеродромци – велат од Левица Аеродром.

Поднесените иницијативи во Ѓорче Петров, Бутел и во Кисела Вода сѐ уште не се разгледани од советниците во овие општини затоа што во периодот од поднесувањето до денес, во нив не се одржани нови седници на Совет, ниту има информација дали овие иницијативи воопшто ќе бидат ставени на дневен ред.

Градинките и престојот на децата во нив во изминатите години се едно од најгорливите прашања за кои нема решение. Во сите општини има долги листи на чекање за упис. Приближно 2.000 дечиња немаат пристап во градинка затоа што постојните претшколски установи немаат доволно капацитет да ги згрижат сите или, пак, како што е тоа случај во Карпош и во Ѓорче Петров, простор има, но нема доволно воспитувачки.

Посебно внимание предизвика реонизацијата на градинките во општината Карпош, според која во нив не може да се запишуваат деца од други општини, па Советот донесе одлука до 10 јуни да ги отпишат децата што не се жители на Карпош, што предизвика лавини негативни реакции во јавноста, освен кај карпошани кои ја поддржуваат оваа одлука.

Во меѓувреме, наспроти иницијативата на Левица, по социјалните мрежи се прошири информацијата дека од градинките бараат да се зголеми цената за престој, која според нив, во услови на економска криза и зголемување на цените е неодржлива. За ова не стигна ниту потврда ниту демант од надлежните институции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот