Импресија од 22. Оф-фест: Музика на светот што ретко се слуша на нашата сцена

Фестивалот заврши со концерт на Дизи Манџеку & Одемба ок ол-старс / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Дваесет и второто издание на традиционалниот „Оф-фест“, што се одржа од 7 до 10 јуни во Националната опера и балет и во МКЦ, уште еднаш го потврди непишаното правило дека „тимот што победува не треба да се менува“, односно не смее да има неизвесности околу неговото одржување.

Осум концертни настапи и еден документарен филм распоредени во четири вечери донесе 22. „Оф-фест“. Фестивалот веќе 22 години ја носи музиката на светот во Скопје, но истовремено и Скопје длабоко и впечатливо го впишува на светската музичка мапа.

Организацијата на фестивалот не значи само претставување на најинвентивните и најрелевантни текови на музичката сцена, туку и продолжување на традицијата, потврдување на довербата и на музичарите и на публиката и можност за отворање нови канали на комуникација, но и нови пријателства. Речиси и да нема музичар што настапил во Скопје, а кој не бил воодушевен од гостопримството, од атмосферата на концертите и од реакцијата на публиката.

Исто така, речиси сите музичари најавиле дека повторно би сакале да дојдат во Скопје со своите следни албуми или проекти. Таков беше случајот веќе на првата фестивалска вечер, кога португалската фадо-ѕвезда Мизија повеќепати изрази желба повторно да дојде во Скопје. И не е само тоа. Во текот на својот краток престој на фестивалот успеала да прошета низ градот, да открие некои за неа тајни катчиња, но и да ги засака скопските мачки! На крајот дури и посака да дојде на одмор во Скопје.

Португалската фадо-ѕвезда Мизија со својот бенд го отвори фестивалот / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Искрена, отворена и комуникативна, Мизија успеа да направи одлична комуникација со публиката, а истовремено да го претстави својот фантастичен талент и да докаже зошто ја сметаат за една од најголемите португалски вокалистки. Нејзиниот настап беше поделен на два дела, од кои во првиот поголем акцент стави на своите авторски композиции и песни што се објавени во нејзините албум и книга со наслов „Animal Sentimental“ (2022), додека во вториот дел од концертот публиката можеше да слуше поширок репертоар на песни од различни автори, како Фернандо Песоа, Жозе Сарамаго, а концертот заврши со изведба на песната „Солза“ од фадо-ѕвездата Амалија Родригез.

Кантавторката Мари Калкун музиката ја изведува на канел – традиционална естонска цитра / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Во рамките на втората вечер публиката имаше можност да слушне музика што ретко се слуша на нашата сцена. Емотивната Мари Калкун ни ја откри и ни ја доближи традицијата на естонската музика. Иако дел од песните ги изведува на виру, стар естонски јазик што малкумина во светот го разбираат, сепак таа успеа да ги пренесе пејзажите на својата земја преку музиката. Таа не е само изведувач, туку и кантавтор и композитор. Музиката ја изведува на канел – традиционална естонска цитра. Зад себе има пет објавени албуми. Заедно со специфичната музика на сцената до израз доаѓаат и нејзините скромност, едноставност и чувствителност.

Зарина Првасевда настапи со својот шестчлен ансамбл / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Традицијата на земјата од која потекнува е длабоко втисната и во песните и изведбата на вокалистката Зарина Првасевда, која беше македонски претставник во програмата на „Оф-фест“ заедно со нејзиниот ансамбл. Со албумот „Ехо“ објавен за „Кроација рекордс“ вокалната солистка Зарина Првасевда постигна завиден регионален успех. Нејзиниот репертоар опфаќа традиционални песни на повеќе јазици, меѓу кои се македонскиот, албанскиот, српскиот. На концертот настапи со шестчлен ансамбл, а најави и дека во подготовка е нејзиниот втор албум.

Оригинален микс од пустинскиот гитарски блуз и транс-ритмите на италијанската Таранта креираше тандемот Џастин Адамс и Мауро Дуранте на третата фестивалска вечер. Звукот што го продуцираат е практично поврзување на европската и африканската музика. Гитаристот, продуцент и композитор Џастин Адамс ја започнал својата кариера во добата на пост-панкот, но во меѓувреме ги збогатил своите интереси, внесувајќи стар блуз, арапска и африканска музика, фолк и многу други влијанија во своето свирење.

Џастин Адамс и Мауро Дуранте наоѓаат сроден интерес во транс-ритмите на италијанската Таранта / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Дуото со Мауро Дуранте, виолинист и перкусионист на групата „Canzoniere Grecanico Salentino“, датира од концертот предводен од Лудовико Еинауди во рамките на фестивалот „Notte della Taranta“ во Пуља, каде што двајцата првпат свиреле заедно, препознавајќи го сродниот интерес во транс-ритмите на локалната Таранта. Нивната музика звучи како „повикување добри духови“.

Софистицираната интроспективна лиричност и неодоливиот шарм, талент и глас на нашиот њујорчанец Крсте Роџевски на секој концерт во Скопје ја маѓепсуваат публиката. Иако повеќепати настапувал со група, овој пат дојде и настапи сам со својата акустична гитара. На програмата беа песни од неговите пет досега објавени албуми, наизменично пеејќи на англиски и на македонски јазик. Пред почетокот на неговиот концерт Оливер Белопета ја загатна синтагмата „светско, а наше“ прашувајќи се колку тоа што Крсте Роџевски го прави на музички план во Њујорк е „наше“, но одговорот се чини дека дојде со емотивно изведените песни на милозвучен македонски јазик.

Крсте Роџевски на бис изведе две песни со вокалистката Добрила Грашеска / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Во текот на концертот Крсте најави дека подготвува нов албум кој ќе го носи насловот „Black Earth“. На бис на сцената ја покани македонската вокална солистка Добрила Грашеска, со која изведоа две традиционални песни.

За мистериозната аура на култната чешка двојка Ирена и Војтех Хавлови сведочи нивното уникатно концертно патување, но и прикажувањето на документарниот филм „Little Blue Nothing: A musical portrait of Irena and Vojtech Havlovi“. Практично, филмот е визуелно откривање на нивниот внатрешен свет, што потоа го претставуваат низ музиката. Станува збор за две сродни души што успеале да се пронајдат во овој хаотичен свет.

Ирена и Војтех Хавлови се сродни души што успеале да се најдат во овој хаотичен свет / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Со концептуален пристап, со минималистички, репетитивен и медитативен израз нивниот концерт изминува во еден здив. На почетокот ги користат своите гудачки инструменти, виола да гамба и виолончело, и своите гласови, за во текот на концертот, еден по еден, да се преселат на пијаното, кое го свират четирирачно. Амбиентот што го создаваат е навистина магичен.

Годинашниот „Оф-фест“ го заокружија фуриозните настапи на две исклучително возбудливи музички појави: новата ворлд-мјузик атракција „Баб л‘ блуз“ со својот психоделичен марокански фанк-рок звук и деветчлениот оркестар на легендарното име на конгоанската румба, гитаристот Дизи Манџеку & Одемба ок ол-старс.

„Баб л‘ блуз“ доаѓаат од срцето на Магреб / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Групата „Баб л‘ блуз“ (во превод: „Порта на блузот“) доаѓа директно од срцето на Магреб. Со својата музика го редефинираат традиционалниот северноафрикански блуз на нетрадиционален начин. Овој квартет, формиран во Маракеш во 2018 година, е инспириран од мароканските музички традиции, во комбинација со рок-музиката, современите звуци и мароканскиот поп. Етикетирани како „психоделичен марокански рок-бенд“, тие се истовремено древни и актуелни, традиционални и современи, фанки и ритмични, со моќни вокали и тешки бас грувови.

Бендот го сочинуваат француски и марокански музичари, предводени од пејачката Јусра Мансур, што само по себе претставува критика на претежно машката традиција во мароканската музика. Лесно воспоставуваат комуникација со публиката и вешто ја повикуваат на танц. Со својот настап Мансур упатува пораки за слобода, праведно општество, почитување на различностите и родова еднаквост.

Елегантниот Дизи Манџеку е жива легенда на конгоанската румба / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Кога група од Африка настапува на скопската сцена, вообичаено предизвикува „земјотрес“. Таков ефект имаше и настапот на гитаристот Дизи Манџеку со неговиот бенд „Одемба ок ол-старс“. Елегантниот Манџеку е жива легенда на конгоанската румба. Минувајќи низ неколку различни оркестри на значајни африкански музичари го формира својот бенд, со кој го пренесува уникатниот звук на традиционалната конгоанска румба.

Вообичаено, концертите со африканска музика на „Оф-фест“ траат до доцна во ноќта, иако публиката не сака да заврши ниту концертот ниту фестивалот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 183, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот