И пандемијата во оставка?!

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Очигледно е дека веќе никому не му е гајле за ништо во врска со пандемијата. Остана мерките и протоколите да се почитуваат само во училиштата како само таму да се шири вирусот.

Заврши ли пандемијата со коронавирусот? Секако дека не, но во Македонија властите како да се откажаа од битката со невидливиот непријател, како што го нарекоа. Очигледно е дека сè уште не можат да излезат од онаа другата, изборната битка. Премиерот се „предаде“ по изборите, па заедно со него и здравствените власти како да го кренаа белото знаменце во една од најдолгите и најмачните битки – онаа со опасниот вирус ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче го нема никаде, а речиси заборавивме дека постои Комисија за заштита од заразни болести.

Имам впечаток како никој повеќе да не се занимава со пандемијата, сите како да кренаа раце, и Владата и граѓаните, а богами и инспекторите. Останаа само апелите и страшните прогнози од некои лекари за периодот што ни претстои. Но, кој да ги слушне?

На социјалните мрежи деновиве гледаме видеа од ноќни клубови и дискотеки низ државава на кои млади луѓе се забавуваат и „паѓаат во транс“ исто како да нема пандемија. Стуткани едни до други, пеат, се веселат… Иако постојано добиваме потврди дека коронавирусот сè почесто ги напаѓа младите, а некои од нив завршуваат и фатално.

Прашање е кој ги контролира овие ноќни клубови, дали воопшто се почитуваат некакви мерки? Досегашното искуство ни покажа дека угостителските објекти и тоа како се главен извор за ширење на коронавирусот. Но, ни угостителите не виновни. Виновни се оние што ги пропишуваат мерките, а не вршат контроли дали се спроведуваат.

А и зошто би контролирале некого кога тие самите не се контролираат. Имавме можност да ги видиме политичарите, а богами и лекарите (голем дел од нив влегоа во изборна трка) за време на кампањата како ноншалантно си шетаа секаде без маски, се прегрнуваа, се ракуваа… Па ги видовме и на отворањето на „Ист гејт мол“ како сите заедно во затворен простор влегоа без маски. А нам, на обичните смртници, на влезот во затворените молови ни бараат ковид-сертификати, а не дај боже да влезеш без маска. Ама така е тоа кај нас. Законите и правилата што ги носат политичарите, не важат за нив. И тоа е така со години.

Изборите завршија, земјава во моментов е во политичка криза, неизвесно е дали ќе се формира нова влада или ќе има предвремени избори, но она што е извесно е дека нè чека бурен период со пандемијата. Здравствената криза сè уште трае. Делта плус варијантата на вирусот веќе се шири низ Европа, а е присутна и кај соседите. Само што не тропнала на врата и кај нас. Можеби и тропнала, но кој да ни каже. Здравствените власти потонаа во земја. Мерки нема никакви, за вакцинацијата воопшто да не зборуваме. Владата крена раце и од неа. Се предаде за сметка на лажните вести што не мируваат, туку од ден во ден секојдневно масовно се шират на социјалните мрежи.

Каде е кампањата за вакцинација, каде е борбата со лажните вести, каде се лекарите, стручните лица да излезат и да им објаснат на луѓето дека треба да се вакцинираат за потоа да можат опуштено да шетаат и да се журкаат во дискотеките?

Очигледно, како никому да не му е гајле. Остана мерките и протоколите да се почитуваат само во училиштата, како само таму да се шири вирусот. Кога ќе ги видам децата, мака ме фаќа. Сите други без маски, само тие по 8 часа со покриени лица. А да не зборувам за наставничките и за наставниците, кои секој ден изигруваат затворски чувари.

Ако под итно не се свестиме, тогаш уште побрзо ќе се вратиме на довчерашното „нормално“ секојдневие – стотици позитивни, десетици мртви, преполни болници, преморени лекари…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот