И без рестрикции, малите дуќани ги исклучија рекламите и излозите

Слободен печат/ Д. Митрески

Златарници, фризерски салони, пиљарници, училишта за странски јазик и мали бутици, со првиот мрак ги гаснат излозите и светлечките реклами за да заштедат и да ги намалат своите сметки за струја. Понекаде навечер мижурка само безбедносна светилка, а преку ден во дел од малите занаетчиски дуќани не ги палат ниту греалките, бидејќи индустриската струја ги „изгоре“ во ова време кога имаат се помалку муштерии. И без да се прогласат рестрикции, во населбите, освен уличното осветление, останаа да светат само излозите на големите маркети, но и билбордите од локалните избори. Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Македонија, за „Слободен печат“ вели дека скапата струја ќе ги сотре малите и микро фирми ако државата не им излезе во пресрет со некои мерки и субвенции. ЗКРСМ комора веќе доставила барање до Владата и Министерството за економија да се разгледа можноста за воведување посебна ставка за занаетчиите.

– Не бараме да плаќаме струја како домаќинствата, туку да нѐ стават во друга категорија – додава Фазлији, загрижен и за најавената енергетската криза и предвидувањата дека можно е да се зголеми цената на електричната енергија.

Занаетчиите, малите и микро фирми со години плаќаат индустриска струја која е 100 отсто поскапа. Тоа ви следува уште со самиот упис кога ќе регистрирате деловен простор.  Во ист кош со големите компании се златари, бербери, шнајдери, иако потрошувачката на овие микро и мали занаетчиски дуќани, воопшто не може да се спореди со потрошувачката кај поголемите индустриски капацитети. Како е можно еден фен или бор машина да трошат толку многу струја? Во некои микро и малите занаетчиски дуќани, едвај се вклучува дури и греалка, а сметките се огромни. Затоа бараме микро и малите претпријатија да се стават во посебна ставка и да не плаќаат скапа индустриска струја – објаснува Фазлији.

Во земјава има 6.000 самостојни вршители на дејност во кои работат околу 15.000 лица, потсетува Фазлији, кој е скептичен дека во политичката криза некој ќе има разбирање за нивните проблеми.

Пандемијата ни нанесе огромен удар и за жал се уште трае, а сега се најавува и зголемување на минималната плата, што ќе биде дополнително оптоварување за занаетчиите – додава Фазлији.

Мерката со која Владата обезбеди плата од 14.500 денари за вработените со антикризните мерки за приватниот сектор беше доволна само за оние што имаа „пари под перница“, а за оние се крпат од месец за месец, сумите не беа доволни ни да се покријат основните трошоци како придонесите за плати, сметки за комуналии и кирија за објектите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот