Хуманитарна предновогодишна акција во Кисела Вода

Хуманитарна акција Кисела Вода/ Фото МИА

Со хуманитарен базар насловен „Новогодишна приказна на децата од Кисела Вода”, општината ги започна новогодишните празнувања, кои со најразлични настани и случувања, во периодот што претстои ќе ги израдуваат најмладите, известуваат од оваа општина.

Оттаму информираат дека денеска преку 300 дечиња со своите родители, баби и дедовци, биле присутни во Домот на култура „Билјана Беличанец” каде најпрво ги поздравил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, по што следувала богата музичко-сценска програма и она на кое најмногу се радуваат децата – Дедо Мраз и новогодишни пакетчиња за сите.

Од локалната самоуправа велат дека хуманитарниот базар, кој како традиција почна минатата година, има за цел и да ја поттикне и промовира социјалната инклузија, бидејќи во него, покрај дечињата од општинските градинки и училишта, се вклучени и повеќе здруженија на децата со попреченост. Сите тие изработиле новогодишни украси и честитки, кои се продавале по симболични цени, а собраните средства ќе бидат наменети во хуманитарни цели.

– Убаво е чувството кога сме собрани сите заедно во очи новогодишните празници, со весело расположение и со желба овој период кој и онака во очите на децата е магичен, да им го направиме уште поблескав и поубав. Ја продолжуваме традицијата што ја започнавме минатата година и годинава под наслов „Новогодишна приказна на децата од Кисела Вода” го реализираме овој хуманитарен базар. Новогодишните украси и аранжмани кои се изложени се изработени од дечињата од општинските градинки, од основците од училиштата, како и од дечињата со попреченост од повеќе здруженија. Средствата, пак, кои ќе се соберат од продажбата, ќе бидат наменети во хуманитарни цели, истакнал градоначалникот Ѓорѓиевски во своето обраќање, пренесуваат од општина Кисела Вода.

Тој на сите присутни им се заблагодарил и им посакал добро здравје, среќа и успех во Новата 2023 година.

– По ова следеше целочасовна музичко-забавна програма која децата ја проследија со огромно внимание, а потоа и сликање со Дедо Мраз и делење на новогодишни пакетчиња. Општина Кисела Вода продолжува со вакви и слични случувања во периодот што следи, со цел сите најмлади жители да ја започнат новата година среќни, насмеани и со подарок кој ќе им ги разубави празничните денови, соопштуваат од Кисела Вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот