Хрватска: Уапсен директор сакал да си ги откупи гревовите, дел од украдените пари давал во црква

Фото: Pixsell/printscreen

Дамир Шкугор, довчерашниот директор во Секторот за трговија со природен гас во хрватската рафинерија ИНА, кој беше уапсен за проневера на голема сума, дел од украдените пари ги донирал во црква. Шкугор и неговото семејство, како големи донатори, во црквата во местото Дубрава кај Шибеник, на мисите имале резервирана клупа во првиот ред, а семејството го финансирало обновувањето на црквата и на црковниот двор, објавија хрватските медиуми. Се наведува и дека семејството Шкугор било задолжено за собирање добротворни прилози.

Хрватската јавност деновиве ја потресува аферата во рафинеријата, чијшто најголем акционер е унгарската компанија МОЛ. Во истрагата за злоупотреби и проневери досега се уапсени десетина луѓе. Обвинителите се сомневаат дека Шкугор, член на владејачката десничарска партија ХДЗ, како важен дел од криминалната мрежа, овозможил компанијата ОМС да купи гас по исклучително ниски и да го продава по повисоки цени.

Штетата за рафинеријата ИНА од организираната кражба наводно ја надминува сумата од милијарда куни, или околу 133 милиони евра. Дамир Шкугор и неговиот татко, според хрватските истражни органи, се сомничат дека украле околу 66 милиони евра, неговиот деловен партнер Горан Хусиќ профитирал со околу 12 милиони евра, а претседателот на Хрватската адвокатска комора Јосип Шурјак добил окоу девет милиони евра.

На сметката на нивната компанија ОМС останале уште над 26.5 милиони евра противзаконски остварена добивка, пари кои се замрзнати со одлука на судот.

„Токму Дамир Шкугор имаше свое место во нашата црка и никој не смееше да седне на тоа место во првиот ред. Донираше 100.000 куни (13 илјади евра) за црквата во Дубрава и со тоа најверојатно купувал мир и кај црквата и кај Бога. Мајка му се однесуваше како црквата да е нивна , а низ селото се раскажува дека токму поради неа биле сменети свештениците кои не ѝ одговарале“, изјави еден жител на Дубрава за SibenikIN.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот