Храна за која мислите дека е диетална, а всушност, дебелее

Фото: Профимедиа

Ако се обидувате да ослабете, сигурно веќе размислувате кој вид на храна би можела да ви помогне да ја исполните својата цел. Со толку многу спротивставени информации кои нѐ бомбардираат од сите страни, може да биде збунувачки од каде би требало да почнеме.

Како регистрирана диететичарка со долгогодишно искуство, Мелиса Митри за порталот „Eat this“ сподели листа на намирници кои се надалеку познати како диетални, а, всушност, предизвикуваат уште поголемо дебелеење.

Диетален јогурт

Диеталниот јогурт е популарен меѓу сите кои сакаат да го намалат внесот на калории и да ги симнат несаканите килограми. Иако теоретски звучи добро бидејќи овој тип содржи помалку калории, масти и шеќер од обичниот, тој, всушност, често е повеќе обработен и содржи многу повеќе вештачки состојки кои исто така дебелеат.

Покрај тоа, мастите, кои во диететската опција на јогуртот ги има мошне малку, се корисна хранлива материја кога се консумираат во умерени количини и ни помагаат да се чувствуваме сити подолго време. Ако сакате јогурт, диететичарката вели дека е многу подобро да се јаде обичната верзија отколку диеталната верзија.

Зелен чај

Зелениот чај често се карактеризира како магичен пијалак за губење на наталожените килограми. Иако има многу придобивки за здравјето, досегашните истражувања покажуваат дека минимално влијае на слабеењето. Не е штетно да испиете еден филџан зелен чај секој ден, но голема е веројатноста дека од него нема значително да ослабете.

Оризови крекери

Иако самите крекери од ориз сами по себе содржат мошне малку калории, тие, всушност, имаат и малку хранливи материи. Прилично е сигурно дека ќе ви треба многу од овие грицки за да се чувствувате барем приближно сити, а со самото тоа се негира целта за губењето на килограмите.

Газирани пијалаци без шеќер

Ако сте зависни од газирани пијалаци, можеби изгледа како добра идеја наместо обичните да ги пиете нивните диетални верзии. Сепак, повеќето истражувања покажуваат дека пијалаците со засладувачи можат да ја зголемат желбата за шеќер и на тој начин само дополнително да го поттикнат дебелеењето.

Протеински барови

Протеинските барови исто така изгледаат како здрава и практична закуска, но повеќето од нив имаат многу калории, масти и додадени шеќери кои го поттикнуваат дебелеењето. Ако веќе купувате протеински барови, експертите сметаат дека е подобро да содржат што повеќе природни состојки. Исто така, нагласуваат дека протеинските барови не е препорачливо да се јадат пречесто.

Кокосово масло

Веројатно сте слушнале дека многу фитнес тренери или нутриционисти препорачуваат да се користи кокосово масло наместо сончогледово или маслиново масло. Меѓутоа, тоа не е толку добра опција. Имено, кокосовото масло често се промовира како сојузник во согорувањето на мастите, но е богато со заситени масти и може само да го подигне нивото на холестерол.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот