Хелсиншки: Здравствената криза е далеку од окончана, а економско-социјалната ќе се засилува со секој изминат ден на неизвесност и наметнати ограничувања

Коронавирусот предизвика здравствена, но и работничка криза, се вели во Извештајот.

Пандемијата на вирусот ковид-19 предизвика глобални ефекти со размери неспоредливи со кој било друг настан во човековата историја. Брзорастечката здравствена криза, која ги погоди речиси сите држави во светот, предизвикува несогледливи економски и социјални последици, од кои човештвото допрва ќе се опоравува, покажува посебниот извештај во време на ковид-19 на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

-Со оглед на сериозноста и неизвесниот тек на настаните, голем број влади, меѓу кои и нашата, сметаа дека е неминовно прогласување вонредна состојба заради целисходно справување со опасноста и штетите од новиот коронавирус. А бидејќи во време на вонредна состојба Владата може да презема активности надвор од рамките на она што би било дозволено во нормални околности, тоа значеше и аларм за зголемена будност на бранителите на човекови права. Откако на 18 март 2020 година Претседателот на Република Северна Македонија, го потпиша указот за прогласување вонредна состојба, Хелсишкиот комитет јавно укажа дека вонредната состојба во никој случај не смее да претставува изговор за надлежните органи да ги кршат човековите права- велат оттаму.

Комитетот нагласи дека мерките кои ќе се преземаат не смее да отстапуваат од обврската за заштита на најранливите категории граѓани, а човековите права и слободи мора да бидат земени предвид.

За времетраењето на вонредната состојба, државата не смее произволно да го спречува уживањето на човековите права или пак, произволно да ги ограничува човековите слободи, за чие обезбедување и заштита е одговорна. Хелсиншкиот комитет, исто така предупреди дека согласно со домашните и меѓународните стандарди, ограничувањето на правата и слободите во никој случај не смее да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Произволното интервенирање би било спротивно на јавниот интерес и општото добро, а уредбите со законска сила кои ги носи Владата би биле спротивни на меѓународното право- потенцираат оттаму.

Уште пред прогласувањето на вонредната состојба, Хелсиншкиот комитет ја реорганизираше својата работа согласно препораките за превенција на Министерството за здравство.

-Овозможивме непречено одвивање на услугата за бесплатна правна помош за граѓаните преку телефон и електронска пошта, оставајќи можност и за директни средби во итни случаи. А со оглед дека ограничувањето на слободата на движење и економската криза значеше и неизбежен удар врз човековите прѐва, Комитетот се фокусираше на мониторингот на работничките права, правата на ранливите и маргинализираните групи граѓани, како и на лицата кои се лишени од слобода во време на пандемија. Покрај тоа, организацијата беше континуирано активна и преку мрежите во кои членува, а во изминатиот период ги поддржа и заедничките иницијативи за заштита на работниците- велат оттаму.

Овој извештај се базира на податоците кои што Комитетот ги евидентира при секојдневната комуникација со граѓани кои се обраќаат за правна помош, на анализата на ефектите од донесените владини уредби во овој кризен период, како и на редовното набљудување на состојбата во поединечни области.

Здравствената криза е далеку од окончана, се вели во Ивештајот, а економско-социјалната ќе се засилува со секој изминат ден на неизвесност и наметнати ограничувања.

-Оттука, се надеваме дека овој специјален извештај ќе послужи како ориентир во понатамошното дејствување на носителите на одлуки, затоа што прецизно одредува чии права најмногу настрадаа во изминатиот критичен период и каде треба итно и ефикасно да се интервенира за да се превенираат понатамошни штети- велат од Комитетот.

Коронавирусот предизвика здравствена, но и работничка криза, се вели во Извештајот.

-Работничките и работниците беа први на удар по прогласувањето на вонредната состојба поради справувањето со последиците од коронавирусот.  Кризната состојба за нив значеше борба за зачувување на своето и на здравјето на најблиските, но и борба за спас на својата егзистенција- е наведено во докуметот.

Работодавачите веднаш започнаа со масовни отпуштања на работниците, односно откажувања на нивните договори за вработување, а до Хелсиншкиот комитет биле пријавени 37 такви случаи, кои се однесуваа на приближно 453 работници.

-Намалениот обем на работа беше причина некои од работодавачите, без воопшто да ги известат работниците, да им ги откажат договорите за вработување од деловни причини. Во неколку случаи на работниците им беше само усно соопштено да не доаѓаат на работа, без да им биде доставен писмен отказ-се вели во Извештајот на Хелсиншкиот комитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот