
Хамас бара ослободување на Марван Баргути – сака гаранции од Трамп за договор
Хамас побара ослободување на Марван Баргути како дел од преговорите со Израел за списокот на палестински затвореници што треба да се ослободат во замена за заложниците што остануваат во Појасот Газа, објави Ерусалим пост.
Препорачано
Поранешниот функционер на Фатах, Марван Баргути, беше уапсен од израелските власти во 2002 година и осуден во 2004 година на пет доживотни затворски казни за убиства поврзани со неговата улога во втората Интифада (2000-2005).
Тој останува исклучително популарна фигура во палестинскиот отпор и од многумина е наречен „Мандела на Палестина“.
Од понеделникот во египетското одморалиште Шарм ел Шеик се водат индиректни разговори за мировниот план презентиран од американскиот претседател Доналд Трамп, кој вклучува прекин на огнот во Појасот Газа, враќање на заложниците киднапирани на 7 октомври 2023 година, постепено повлекување на израелската армија од палестинската енклава и разоружување на Хамас.
Ал-Кахера њуз објави дека започнале дискусии, со посредство на Египет, за списокот на „палестински затвореници што ќе бидат ослободени од израелските затвори“ според договорот за размена меѓу Израел и Хамас.
Според истиот извор, меѓу нив се и Ахмад Саадат, Хасан Саламех и Абас ал-Сајед.
Хамас бара гаранции
Во меѓувреме, главниот преговарач на Хамас, Калил ал-Хаја, во вторникот изјави дека палестинското движење „бара гаранции“ од Доналд Трамп и медијаторите дека војната во Газа „ќе заврши еднаш засекогаш“.
„Ние не му веруваме на окупаторот“, изјави тој за египетскиот медиум Ал-Кахера њуз, обвинувајќи го Израел за кршење на два прекина на огнот за време на војната .
„Израелската окупација никогаш не ги одржа своите ветувања. Затоа сакаме вистински гаранции од претседателот Трамп и земјите гаранти“, рече тој.
„Подготвени сме [да работиме] за договор што ќе значи крај на војната, повлекување“ на израелските трупи од Газа и „размена“ на заложници и затвореници“, додаде тој.
Израел: Семејствата на заложниците бараат Трамп да добие Нобелова награда за мир