Групната изложба „Каде текла реката, пак ќе тече“ е поставена во КСП „Центар-Јадро“

Отворањето на групната изложбата „Каде реката текла, пак ќе тече“, која во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ е поставена во КСП „Центар-Јадро“, ќе се одржи на 22 февруари, во 20 часот.

Проектот „Каде реката текла, пак ќе тече“ на КСП „Центар-Јадро“ во соработка со „Еко-свест“ беше реализиран во втората половина на 2022 година. На отворениот повик за фото и видео есеи во рамки на регионалната кампања за заштита на реките „Save the blue heart of Europe“ беа селектирани проектите на авторите Ивана Самандова, Филип Лафазановски и Влатко Деков.

Фокусот на проектот „Каде реката текла, пак ќе тече“ е изградбата на малите хидроцентрали на територијата на Македонија кои оставаат непоправливи последици по животната средина и природата, до степен кој го загрозува опстанокот на водните екосистеми и на заштитените и ендемски животински и растителни видови.

– Во моментов, на дивите и недопрени реки низ земјава се изградени 98 мали хидроцентрали, a се планира изградба на уште најмалку 50 нови! Поголем дел од нив се градат во некои од најатрактивните речни долини во строго заштитени и значајни подрачја, како што се: Баба Планина, Шар Планина, Караџица, Бистра, Даутица, Кожуф и многу други. Малите хидроцентрали се градат зад очите на јавноста, без јавни консултации и без соодветна студија за оцена на влијанието врз животната средина – посочуваат од КСП „Центар-Јадро“.

Уметниците и претставниците на „Еко-свест“ имаа повеќе теренски посети на локации во заштитени подрачја каде има изградени мали хидроцентрали. Тие преку фотографија и видео се осврнуваат на штетите врз природата кои ги предизвикува изградбата на малите хидроцентрали – изградба на бариери кои го фрагментираат речното корито, оневозможување на слободното движење и миграција на рибите и останатите акватични видови, канализирање на водата во цевки и оставање суви речните корита, менување на геоморфологијата на теренот, сечење на шумите заради изградба на пристапни патишта и фрагментирање на шумските живеалишта, ерозија на теренот, загадување на водните текови заради акумулирање на седименти во речните корита и многу други штети врз природата, реките и екосистемите.

Фотографија на Ивана Самандова

Ивана Ќ. Самандова (родена 1997, Скопје) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во 2020, на отсек сликарство, модул конзервација и реставрација. Нејзината уметничка практика се фокусира на процесите на набљудување и истражување на социо-општествени проблематики, однесување и интерконекции помеѓу специфични ситуации на една заедница или индивидуа. Нејзиното уметничко творештво често третира тематики на почувствуван, поттикнат интерес, подоцна пренесени преку интердисциплинарна уметничка практика, која се состои од истражување на различни комбинирани и нови медиуми.

Фотографија на Филип Лафазановски

Филип Лафазановски (роден 2000 година, Скопје) е студент по филмска режија од Скопје. Алумни е на француската работилница за документарен филм „Ateliers Varan“ во Белград 2021-22, филмска резиденција „Balkan Retreat 2022“ во Србија и „Сплит Скрипт 2022“ во Хрватска, работилница за развој на сценарија под менторство на Разван Радулеску и Мелиса де Рааф. Има работено на повеќе филмски проекти на различни позиции, а краткиот документарен филм „Под мостот“ беше прикажан на 10-ина филмски фестивали и на кино-програмата во Кинотека на Македонија.

Фотографија на Влатко Деков

Интересот на Влатко Деков за фотографијата трае долго време. Пред 10 години најпрво започнува да се занимава со концертна фотографија, со што ги спојува неговите две љубови: музиката и фотографијата, но веднаш потоа главен интерес му станува уличната фотографија, односно сето она што се случува на улица, плажа или друг јавен простор. Често патува и тоа му овозможува да фотографира разни култури и предели. Во последно време се интересира и за минималистичката, социјалната и арт-фотографијата. Негови фотографии објавувале повеќе специјализирани магазини и веб-портали за фотографија и култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот