ГРК Охрид со тренерот Алушовски ги започна подготовките за новата сезона

фото: ГРК Охрид

Градскиот ракометен клуб Охрид денеска ги започна подготовките за натпревачката сезона 2023/24, во која клубот влегува со сериозни амбиции. Во првото коло од новото првенство екипата на ГРК Охрид ѝ гостува на Струга.

Екипата во новата сезона ја предводи некогашниот истакнат македонски репрезентативец Стевче Алушовски. Тој попладнево го одржа првиот тренинг со екипата на која, покрај тренерот, и се обратија и членови на управата која за претстојната сезона создаде одлични услови за подготовки кои ќе се одвиваат во неколку фази.

– До 9 август сме во Охрид кога играме контролен меч со Еурофарм Пелистер во Битола. На 10 август одиме на базични подготовки во Маврово каде ќе одиграме еден натпревар со Вардар на 12 август. Во Маврово сме до 18 август кога се враќаме во Охрид каде ќе се подготвуваме за вториот меморијален турнир „Крсте Андоновски – Усташ“ што ќе се одржи од 23 до 26 август во организација на ГРК Охрид. До почетокот на првенството на 9 септември можеби ќе одиграме уште еден подготвителен натпревар – изјави спортскиот директор на ГРК Охрид, Славчо Ристески.

Од сезоната 2023/24, капитен на ГРК Охрид ќе биде пивотменот Иван Тасески, а најново засилување на клубот е голманот Бобан Ристевски кој доаѓа од Еурофарм Пелистер.

За новата сезона клубот до сега ангажираше вкупно осум засилувања, четворицата македонски репрезентативци, голманот Даниел Ѓорѓески, левото крило Гоце Ојлески, десното крило Никола Стоилевски и специјалистот за одбрана Милорад Кукоски. Дресот на ГРК Охрид ќе го носат и младиот босански репрезентативен голман Берин Бркиќ, грузиецот Теимураз Орјоникидзе, како и хрватскиот интернационалец Рудолф Звонимир Сафранко.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот