Граѓаните се жалат на нехигиена, Општина Аеродром не може да најде доволен број сезонци

Од Аеродром сметаат дека за да бидат чисти сите јавни површини во општината и да нема расфрлани отпадоци, но и создавање диви депонии, потребно е еднакво да се залагаат за тоа и од локалната самоуправа, и граѓаните, и компаниите.

Одржувањето на јавната чистота во Општина Аеродром не е примамлива професија за невработените лица, па како последица на тоа локалната самоуправа подолг временски период мака мачи да најде работници што на терен ќе го чистат јавниот простор.

Како што информираат од оваа скопска општина, константно распишуваат огласи за нови сезонски работници, а во моментов има отворен оглас за 30 нови, но како што велат надлежните, постојано се соочуваат со дефицит на пријавени.

Недоволниот број луѓе што ќе ги одржуваат јавните површини во најбројната скопска општина, но и неодговорниот однос на одредени поединци што не водат грижа за животната средина, на одредени локации низ Аеродром можат да се забележат расфрлани отпадоци, но и места каде што граѓаните постојано фрлаат секаков вид ѓубре, особено во овој период од годината кога локалното население ги чисти дворовите од градинарски отпад, а неретко се создаваат и депонии од кабаст отпад. Како последица на тоа, дел од аеродромци се жалат на расфрланото ѓубре, реагираат дека општината не се грижи доволно за јавната хигиена, додека за дел од населението неправилното одлагање отпад на јавни површини е секојдневна навика.

На пофреквентните локации, каде што има поголемо движење на луѓе е најнечисто. Но, голем проблем е и тоа што градежниот шут и градежниот отпад најчесто се фрла на несоодветни места. Пример за тоа е местото познато како Бановина, кое неколкупати досега беше чистено и каде што одново и одново „никнуваат“ нови купишта со ѓубре, но слична грда слика се гледа и во должина на патот што ги поврзува Горно Лисиче со Пинтија.

Од Општина Аеродром велат дека иако во одредени делови сè уште мака мачат со одржување на хигиената, сепак сметаат дека работите се движат во позитивна насока.

– Општина Аеродром пред промената на локалната власт се соочуваше со константни критики за нередовно чистење на јавните површини и немањето слух за константните барања на граѓаните. По помалку од една година од мандатот на новиот градоначалник и општинската администрација, можеме да кажеме дека работите се движат во позитивна насока, а тоа граѓаните директно го чувствуваат. Свесни сме дека имаме многу места каде што можеме да се подобриме, но мандатот од една година не е доволен за да се решат проблеми што се резултат на долгогодишно неработење, немање грижа за јавните површини или пак за секојдневните потреби на граѓаните. Веројатно, причината зошто сѐ уште се соочуваме со одредени комунални проблеми треба да се побара токму во гореспоменатиот факт за кој се свесни сите аеродромци, а тоа е дека општината имаше четиригодишна стагнација – објаснуваат од Општина Аеродром.

Оттаму сметаат дека малиот број сезонски работници е причината на одредени локации да се создаваат поголеми количества ѓубре. Според нив, за да бидат чисти сите јавни површини во општината и да нема расфрлани отпадоци, но и создавање диви депонии потребно е еднакво да се залагаат за тоа и од локалната самоуправа, но и граѓаните и компаниите.

– Чиста и здрава животна средина може да имаме само доколку сите три страни еднакво придонесуваат за нејзино зачувување. Ние и понатаму со сите свои капацитети остануваме посветени на обезбедување здрава и чиста животна средина, што вклучува и едуцирање на граѓаните за обврските што ги имаат поврзани со тоа – децидни се надлежните.

За да се подигне нивото на хигиена во сите делови на Аеродром, од општината велат дека нивната цел е во новата година да ги имплементираат искуствата од повеќето европски и светски метрополи, при што покрај сезонските работници, се размислува да биде ангажирана и приватна компанија што ќе биде задолжена за подобрување на условите со хигиената.

– Токму дозволувањето бројот на сезонски работници драстично да се намали низ претходните години е клучен за проблемот со кој се соочуваме. Од првиот ден од стапувањето на функцијата на новиот градоначалник преземавме конкретни чекори за подобрување на оваа ситуација. Вработените во службата за одржување на јавната хигиена добија покачување на приходите, а истовремено константно распишуваме огласи за нови сезонски работници. Во моментов, Општина Аеродром располага со 79 сезонски работници на терен, а има отворен оглас за 30 нови, но се соочуваме со дефицит на пријавени – дообјаснуваат од Општина Аеродром.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот