„Голема Албанија“ на денот

Фото: Слободен печат

Огромната нервоза што се појави кај раководството на Демократска унија за интеграција (ДУИ), партија која според анкетите би можела по многу години континуирано владеење конечно да биде изоставена од парламентарното мнозинство, предизвика националистичка реторика од незапамтени размери упатена во предизборната кампања.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за кого претходно можеше да се каже дека е прилично тивок и умерен говорник, ги изненади и своите сопартијци со концептот на кампањата, во која влезе со самоубиствената стратегија – Албанец за премиер. Ахмети тргна од премисата дека тој и неговите сопартијци „пролеале крв“ за нивното место во Владата на Република Македонија (проверен историски факт), дека тие во континуитет го обезбедуваат парламентарното мнозинство (делумно точен историски факт, бидејќи во првата влада на Никола Груевски влегоа пратениците на ДПА) и дека Гоце Делчев на главата носел кече кога им се обраќал за помош на албанските првенци (непроверен историски факт).

Интересна и лесно воочлива е генезата во пораките што Ахмети ги испраќа до партиите со кои тој по изборите би сакал да прави коалиција. Тие што имаат подобра меморија, добро се сеќаваат дека ДУИ беше формирана од т.н. политичко крило на Ослободителна народна армија (ОНА), која во текот на 2001 година подигна востание во Македонија. И токму затоа е во право Али, кога вели дека од неговата партија е „пролеана крв“ за да тој и неговите соработници да бидат дел од власта. Токму во 2006 година, која ВМРО-ДПМНЕ се реши да оформи влада со помош на гласовите на ДПА, од ДУИ се чувствуваа навредени, бидејќи на тој начин „се игнорирала волјата на албанскиот народ кој на изборите најмногу гласови ѝ даде на ДУИ“. Две години подоцна, Груевски и Ахмети се договорија за условите на „Мајскиот договор“, кој во кратки црти значеше дека во иднина и двете партии ќе ја почитуваат волјата на гласачите, па во владина коалиција ќе влегуваат со партиите што освоиле најголем број гласови, а тука се мисли на македонскиот и на албанскиот блок.

Во оваа идеална поделба на тврди национални кампови, Груевски и Ахмети ја пронајдоа волшебната формула за владеење. Пред избори тие бликаа од национализам, за потоа да си честитаат на изборните победи и заеднички да си формираат влада.

Но ДУИ го фрли „првиот камен“. На последните парламентарни избори, ДПМНЕ имаше два пратеника повеќе од СДСМ, но ДУИ направи коалиција со поразените. И тоа ќе се покаже како тактички огромна грешка, која на подолг рок може да значи и потполна дезинтеграција на интегративците. Зошто? Затоа што стратегијата на СДСМ се покажа како исклучително добра во привлекувањето на гласовите од разочараните гласачи од т.н. албански блок. Цели општини населени со Албанци, во големо мнозинство го поддржаа граѓанскиот концепт на социјалдемократите познат под брендот „Едно општество за сите“. Згора на тоа, пред неколку месеци беше промовирана и првата албанско-македонска предизборна коалиција, кога беше постигнат договор помеѓу СДСМ и БЕСА. Тоа е битен предуслов за градење заедничко општество, но на сите им е јасно дека во тоа општество ќе нема место за ДУИ.

А очигледно ќе нема место ниту за Зијадин Села, човекот што имаше безброј шанси за вивнување во врвот на политиката, но остана заробен во провинцискиот национализам, па сега притиснат од десната реторика на Али Ахмети, се заканува со формирање албанска влада во Македонија, иако за тоа би му фалеле повеќе од 50 пратеници во парламентот.

Веројатно до крајот на кампањата ќе расте тензијата, па секојдневно ќе имаме по барем една изјава која ќе биде во конотација на „Голема Албанија“, со цел да се мотивираат албанските граѓани, на ДУИ и на сличните партии да им дадат некој глас повеќе. Само се надеваме дека разочараноста од изборниот дебакл нема да биде причина за нова тензија, која би можела многу да ѝ наштети на земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот