Годишната изложба на ДЛУБ ќе биде поставена во битолската „Магаза“

Друштвото на ликовни уметници на Битола (формирано пред 48 години) има значаен удел за развојот и афирмацијата на ликовната уметност во Битола, град со богата културна и уметничка традиција. Годишната изложба на ДЛУБ ќе биде отворена на 19 јули 2022, во 20 часот, во изложбениот салон КЦ „Магаза“.

– На изложбата се презентирани педесет и шест дела, слики, графики и скулптура од четириесет и еден автор од Битола, како и од други македонски градови. Изложбата на тој начин доби свежина во својата стилска разновидност, што е карактеристично за делата изработени во 2021-2022 год. од автори што припаѓаат на помладите генерации, што е нормален процес на промена со текот на времето – истакнува Нела Петровска, претседател на ДЛУБ.

Автори чии дела се претставени на изложбата се Душан Шешиќ, Димитар Димитров, Синиша Кашавелски, Матеј Богдановски, Васко Ѓоргиев, Владимир Младеноски, Маја Ковачевска, Дурмиш Ќазим, Ване Костуранов, Валентина Илијевска, Вангел Крстиновски, Стеван Цигаридов, Петар Кирановски, Игор Стаменковиќ, Стефан Анчевски, Тони Попов, Панде Петровски, Вано Кеков, Елена Ѓорѓиевска, Дејан Макаријоски, Андријана Мациев, Анастасија Петрова-Мушовска, Динко Ненов, Кирил Т. Константин, Илија Маџаров, Стефан Малбашиќ, Ленче Крстеска Јагоридовска, Сашо Блажески – Блажес, Бојана Артиновска, Димитри Балојани, Слободан Рајчевски, Владимир Илиевски, Александар Поповски (Цанче), Роберт Михајловски, Оливера Лазаревска, Александар Поповски, Татјана Манева, а гости на изложбата се Решат Амети, Љупка Галазка Василев, Славица Милева, Лара Ташковска Ларсон.

ДЛУБ изрази голема благодарност до Општина Битола и АД ЕСМ Подружница РЕК Битола за поддршката во реализирањето на изложбата.

И оваа година се доделува наградата за најдобро ликовно остварување „Борислав Траиковски“, познат сликар експресионист и клучно име на битолската ликовна група ВДИСТ од 1955 година. Наградата се доделува од 2007 година како признание за уметникот Борислав Траиковски, своевремено избран за прв претседател на ДЛУБ.

Награденото дело „Бејкон“ на Сашо Блажески – Блажес

Членовите на комисијата, во состав Владимир Величковски, Лилјана Христова и Никола Главинче, едногласно одлучија оваа година наградата да му ја додели на уметникот Сашо Блажески – Блажес од Охрид за делото насловено „Бејкон“ од 2022 година.

– Портретот е насликан во техника масло на платно и содржи некои од суштествените карактеристики на неговото творештво. Секако, не можеме да споредиме сличност со моделот, но портретот содржи индивидуални црти, сигурност во цртежот и моделација со употреба на интензивен колорит и широк потег на четката. Не изостануваат ниту извесни психолошки карактеристики – образложи проф. д-р Владимир Величковски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 137, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 јули 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот