Гоце Делчев и времето на непредвидливо минато

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Софија сака ескалација. Таму има премногу од оние што не можат да го преболат тоа што госпоѓата Урсула фон дер Лајен стави потпис на првата спогодба на Европската комисија со РСМ напишана на македонски јазик.

Не е неизвесна иднината, неизвесно е минатото. Кога политиката ќе зачекори на теренот на историјата и ќе почне да ја толкува, пршти на сите страни, а последиците од таквиот ангажман се многу подолгорочни од нивниот краткорочен интерес.

Секоја ревизија има свое токсично зрачење. Секое присвојување на историјата и на нејзините протагонисти е гарантиран пат кон тензии. Дали Никола Тесла е сопственост на Србите затоа што е православен или ѝ припаѓа на Хрватска зашто таму е роден? Чиј е Иво Андриќ? Хрват, затоа што бил католик, Босанец зашто таму е роден, или Србин, зашто најголемиот дел од животот го поминал во Белград?

Чиј е Гоце Делчев, со децении спорат Бугарите и Македонците и нивните историчари, кои се повикуваат на документите дека е „наш“. Спроти 4 февруари, 151-годишнината од раѓањето на великиот револуционер, расправата се заканува да го претвори чествувањето во манифестација од голем ризик, која уште повеќе би ги нарушила и онака тешките односи на двата соседа.
Граѓаните на Куманово преку социјални мрежи беа повикани со камиони, трактори, автомобили и „други машини“ да го спречат поминувањето на Бугарите, кои во Скопје би се поклониле на гробот во црквата „Свети Спас“. „Да не им дозволиме на бугарските неонацисти да плукаат по споменикот на великанот Гоце Делчев“. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ организира целодневно присуство на гробот за да биде блокирана „туѓата пропаганда“.

Дојде време за реванш. Во октомври членовите на бугарската ВМРО во Благоевград, по отворањето на македонскиот културен клуб, спречија македонски активисти да положат цвеќе на споменикот на Делчев, чии посмртни останки беа пренесени од Бугарија во Скопје во 1947 година.

„Недозволени“ инциденти

Нема да бидат дозволени инциденти, порачаа во Скопје министрите за внатрешни работи на двете земји, но од кога тоа инцидентите се „дозволуваат“? Традиционално напнатите односи помеѓу Софија и Скопје повторно се враќаат на пат кон конфликтот поради дијаметрално спротивставено толкување на историјата.

Официјалната бугарска историографија, а и дневната политика, тврдат дека македонската нација настанала и е родена по 1944 година, дека е изградена на потполно негирање на бугарскиот карактер. Додека ја оспоруваат македонската култура, „непостојните и лажните“ јазик и историја, шират страв дека „можеби ќе се обидат да го македонизираат пиринскиот крај“.

Скопје возвраќа со обвинувања од историчари и политичари дека зад „негаторската политика“ на бугарските националисти се крие проект за асимилација, кој во себе носи опасни територијални претензии. „Понижувачки е да се говори за тоа дали Гоце Делчев бил Македонец“, како што еднаш кажа Елизабета Дамјаноска-Спасеновска.

Тоа што Софија со вето во Европската Унија долго време го спречуваше отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија е само потврда за тие слабо прикриени амбиции. Односите нешто беа поправени откако Бугарија, под притисок од ЕУ, прифати да отстапи од ветото, но новиот раст на тензиите доаѓа во сенка на неодамнешниот инцидент, кога беше претепан секретарот на бугарскиот културен центар „Цар Борис Трети“ во Охрид. Скопје смета дека случајот е затворен со итното заминување на министерот за надворешни работи во Софија.

Бугарија го искористи инцидентот, какви што има насекаде кога се високи националните тензии, за веднаш да ги заостри до максимум односите. Ги запре меѓународните проекти со РСМ, го повика својот амбасадор на консултации, а претседателот Румен Радев од комесарот на ЕУ за проширување побара да покаже иницијатива за заштита на правата на македонските Бугари „во иста мера како што инсистирал на брзата интеграција на РСМ во ЕУ“.

Во таков амбиент се приближува 4 февруари. Фондации од Бугарија организираат автобуси со кои се испраќаат оние што помалку се водени од желба да му изразат чест на Делчев, а повеќе со намера со своето присуство провокативно да потврдат дека тој е Бугарин.

Премиерите на двете земји, Димитар Ковачевски и Галаб Донев, разговараа по телефон за да помине претстојниот јубилеј непречено. Во Скопје се најавени мерки за обезбедување на редот, но во случај сѐ да помине без инциденти нема да биде прекинато (зло)употребувањето на историјата во дневнополитички цели.

Софија поставува стапица

Гоце Делчев ѝ служи на Бугарија да ја прикаже РСМ пред Европејците како земја што не ги почитува правата на бугарските Македонци и која се потпира „на говорот на омраза и злосторства“. Попусто уверувањата од премиерот Ковачевски дека нема антибугарска хистерија и дека за постапките на поединци во Охрид не може да се обвинува државата.

Софија сака ескалација. Таму ги има премногу оние што не можат да го преболат тоа што госпоѓата Урсула фон дер Лајен стави потпис на првата спогодба на Европската комисија со РСМ напишана на македонски јазик.

Претседателот Румен Радев од комесарот Оливер Вархељ бара ЕУ да ја гарантира безбедноста на Бугарите – како да им се заканува холокауст. „Скопје да ги признае македонските Бугари, инаку нема да има ЕУ“, порачува поранешниот бугарски министер за одбрана Бојко Ноев.

Софија поставува стапица. Не би било добро Македонците со национализам да возвратат на потпалувачкиот бугарски национализам. Тоа само би ѝ нанесло штета на Северна Македонија, каде што секогаш тлее и албанскиот национализам. Да се сетиме на Арачиново.

Закованоста во исправноста на сопствената историја и игнорирањето на фактографијата се најцврсти претпоставки на антимодерноста, која ги спречува вистинските интеграции во светско-историските текови. Колку е власта полоша толку е поголема шансата да се врати митски глорификуваното минато на нацијата. Затоа и Бугарија се сеќава на Делчев.

Ако ѝ се приближите премногу на историјата, лесно можете да се изгорите, но тоа се чини не го спречува Балканот да живее во ера на непредвидливо минато. Комеморативните пејзажи постојано се менуваат, без оглед дали се работи за етосот на победата или за трагедијата на поразот. Синоптичката карта на регионот покажува дека темните облаци од минатото нема скоро да се повлечат.

Авторот е новинар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот