Гир: Неказнивоста не може да биде опција

Евроамбасадорот Дејвид Гир/ Фото: Слободен печат/ Жана П.Божиновска

Реформите во судството и во обвинителството мора да се на линија со ЕУ-стандардите и да се спроведат без одложување. За ова се делумно одговорни Владата и Собранието, но и судиите, обвинителите и нивните совети. Партиите и бизнисите мора да престанат да се мешаат во работата на судиите и на обвинителите, рече евроамбасадорот Дејвид Гир

Нема скратени патишта и компромиси на патот кон Европската Унија, туку само реформи, порача вчера евроамбасадорот Дејвид Гир на промоцијата на проектот „Поддршка од ЕУ за владеење на правото“.

Во воведното обраќање, Гир изнесе серија забелешки за состојбата со владеењето на правото и потсети дека тоа е клучната вредност на ЕУ и јадрото на процесот на проширување. Притоа призна дека имало извесен напредок во изминатите години, но и одредени прашања што предизвикуваат „загриженост“, и тоа, како што рече, не треба да се заборави.

– Бевме сведоци на настани што ја ставаат под прашање посветеноста на реформите. На пример, загриженост предизвикаа случувањата во Судскиот совет во текот на летото, па затоа испративме Оценска мисија за утврдување на интегритетот и професионалноста во Советот. Тука е и фактот дека пречесто не се почитуваат препораките од Антикорупциската комисија – изјави Гир.

И во обраќањето и во изјавата за медиумите, евроамбасадорот не ги пропушти измените во Кривичниот законик, нагласувајќи дека неказнивоста не може да биде опција.

– Кога зборуваме за загриженоста, сигурно не сте ја пропуштиле изјавата од Европската комисија за измените во Кривичниот законик, пред сѐ, користењето на европското знаменце што се смета за несоодветно и е едно од прашањата за кои треба да се дискутира. Исто како и за ризикот што го идентификуваше Комисијата дека ваквите измени можат да доведат до зголемување на неказнивоста – порача евроамбасадорот.

Откако го повтори ставот дека ЕУ сака да ја види земјата како се движи брзо во сферата на владеење на правото, порача дека „граѓаните имаат право да го бараат тоа, но и Европската комисија има право да го бара тоа од земја кандидат“.

– Реформите во судството и во обвинителството мора да се на линија со ЕУ-стандардите и да се спроведат без одложување. За ова се делумно одговорни Владата и Собранието, но одговорност имаат и судиите и обвинителите, како и нивните совети. Промените мора да дојдат однатре, а политичките партии и бизнисите мора да престанат да се мешаат во работата на судиите и на обвинителите – додаде Гир.

Што се однесува до Оценската мисија во Судскиот совет, најави дека таа ќе заврши оваа недела. Членовите на мисијата, инаку судии на високи позиции во земји на ЕУ, во Брисел ќе разговараат со Европската комисија за наодите, по што ќе ги објават препораките.

Инаку, проектот финансиран од Европската Унија опфаќа 4 клучни области на владеење на правото – судство, полиција, почитување на човекови права и борба против корупцијата.

Успехот на овој проект, како што кажа Гир, нема да зависи од посветеноста на партнерите, иако е важна, нема да зависи од квалитетот на експертизата или дадените совети, иако и тие се важни, туку ќе зависи од посветеноста на сите вклучени институции и на надлежните со решителни чекори да напредуваат во владеењето на правото.

На промоцијата на проектот се обратија и министрите за внатрешни работи, за правда и за труд и социјала, Оливер Спасовски, Кренар Лога и Јованка Тренчевска.

Проектот кој што ќе трае три години и ќе чини 10 милиони евра, има за цел да ги поддржи релевантните институции што работат во полето на правосудството, спроведувањето на законот, борбата против корупцијата и промоцијата и заштитата на основните и човекови права за подобрување на нивните капацитети, ефективност и влијание.

Компонентата 1 од проектот има за цел да обезбеди поддршка на правосудниот сектор преку советување, поддршка за управувањето, помош за понатамошен развој на системи за управување со ИКТ и обуки за судии и јавни обвинители.

Целта на Компонентата 2 е да им помогне и да ги обучи телата за спроведување на законот во истрагите на криминалот, со акцент на сложените кривични случаи за кои е потребна соработка на различни засегнати страни и да ги поддржи потребните законски и стратешки промени за подобрување на успехот во тие истраги.

Општата цел на Компонентата 3 е да се зајакне спречувањето на корупцијата преку креирање на нови или подобрување на постоечките методи, алатки и регулативи во борбата против корупцијата и подигање на свеста за нив.

Во Компонента 4 активностите на проектот ќе ја зголемат свеста за основните права како здрава и практична основа за ефективно владеење на правото, ќе ги зголемат знаењата и вештините за тоа како истите ќе се применат и како меѓународните стандарди и искуството на ЕУ можат да помогнат во тој процес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот