Германски магазин објави лажно интервју со Михаел Шумахер

Михаел Шумахер/фото: EPA/ALESSANDRO BIANCHI

Германскиот магазин „Die Aktuelle“ објави интервју со легендарниот Формула 1 возач Михаел Шумахер, кој не се појавува во јавноста откако пред 10 години имаше несреќа на скијање.

Неделникот, кој е познат по објавување на неверодостојни информации, на насловната страница објави интервју со седумкратниот светски шампион со големи букви под наслов „Михаел Шумахер: Прво интервју, светска сензација“, а под него со мали букви: Звучи измамнички реално“.

Имено, новинарите за интервјуто користеле компјутерска програма „AI chatbot“, која одговарала на прашања како навистина да се работи за поранешниот возач на Џордан, Бенетон, Ферари и Мерцедес. Во наводниот разговор, кој бил објавен на две страни, меѓу другото, добиле одговори на прашањата за тоа како Шумахер се повредил во 2013 година, како семејството се грижело за германскиот возач, па дури и за кариерата на неговите деца Џина и Мик.

Интервјуто предизвика големо негодување во медиумите бидејќи редакцијата на минхенскиот неделник користела податоци добиени од компјутерска програма за да ја зголеми читаноста. Шумахер беше повреден на 29 декември 2013 година додека бил на одмор во францускиот зимски центар Мерибел, кога на скијање паднал и со главата удрил во карпа.

И покрај тоа што носел заштитен шлем, се здобил со сериозни повреди и по две операции лекарите го ставиле во индуцирана кома поради тешки повреди на мозокот. Тој ја напушти болницата во Гренобл во инвалидска количка во септември 2014 година, а во јавноста протекоа информации дека е парализиран, не може да зборува и има проблеми со меморијата. И покрај напорите на семејството на познатиот возач да ја зачува приватноста, во медиумите се појави информација дека Шумахер бил свесен и може да оди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот