Германска болница го тужи Фондот за здравство за наводно неплатени услуги

Операција во болница / Фото Архива на СП

Фондот тврди дека дополнителните здравствени услуги не биле на време одобрени од негова страна и дека крајните фактури од болницата не ги добиле во рок од 30 дена по завршување на лекувањето, како што било договорено во официјалната кореспонденција, туку дури три години подоцна.

Фондот за здравство на Република Македонија во 2018 година праќал пациенти кои добиле конзилијарно мислење дека треба да им се пресади коскена срцевина во Германија на лекување, но не ги подмирил фактурите за извршените здравствени услуги во германската болница, иако срцевината била пресадена, а пациентите го завршиле болничкиот третман и биле уредно испишани. За само еден случај, односно за еден пациент за којшто „Слободен печат“ поседува документација за извршените болнички услуги во Германија, болницата побарува над 30 илјади евра и го тужи Фондот за здравство зашто веќе четврта година не ја платил целата сума за лекувањето. За побарување за друг пациент пак од 21 илјада евра болнички трошоци, каматата е пет илјади евра, невклучувајќи ги судските трошоци.

Пациент од Скопје, кој во февруари 2018 година добил одобрување од Фондот за здравство да му биде пресадена коскена срцевина во германската болница „Свети Франциск“ во градот Фленсбург во Германија. За воопшто да биде примен во болницата ФЗОМ платил 96 илјади евра авансно, но при лекувањето се појавиле и дополнителни трошоци, што не е невообичаено.

Во таков случај, ФЗОМ бара од болницата во рок од 30 дена да испрати финална фактура која требало да биде подмирена за 30 дена. Но оваа крајна фактура Фондот не ја платил, па болницата, за да си ги наплати побарувањата, го тужела Фондот пред арбитражен суд. Од Фондот, пак, тврдат дека болницата не им ја испратила крајната фактура за 30 дена по завршувањето на лекувањето на пациентот, туку три години подоцна.

Пациентот, во меѓувреме, добил повик од службеничка во Фондот, која го повикала да потпише барање за подмирување на финалната фактура, односно на дополнителните трошоци, што пациентот изрично одбил да го стори, од страв да не биде вовлечен во финансиски импликации, а и поради тоа што, како што тврди, болницата во Германија кон него нема никакви побарувања, туку сите се кон македонскиот Фонд за здравство!

Службеничка од Фондот телефонски го известила пациентот дека и тој е тужен за заостанатиот долг. Станува збор за повеќе од 30 илјади евра само за тој еден пациент, а не е познато дали има и други, колку финални фактури Фондот не исплаќал низ годините и за колку пари е оштетен државниот буџет на сметка на лекувањето на најранливите пациенти за кои во 2018 година во Македонија немало услови да им се изведат комплицираните медицински интервенции.

Пациентот поминал 58 дена во 2018 година во болницата „Свети Францискус“ во Фленсберг. Самиот си платил стан додека траела медицинската интервенција, а болничкиот престој, процедурата, интервенцијата, сите администрирани медикаменти, не биле предмет на договор меѓу него и болницата, туку тоа било предмет на допис меѓу болницата и фондот.

Фондот во писмо до болницата најавил дека нема да прифати и да плати трошоци за здравствени услуги кои не се однапред одобрени од негова страна. Исто така Фондот ја известил болницата дека крајната фактура треба да ја достави во рок од 30 дена по завршување на болничкото лекување, со цел секторот за сметководство да може финансиски да го затвори предметот.

Од Фондот ни одговорија дека прават „финансиско усогласување на парите што Фондот и ги испратил на болницата во Германија, како и на парите што болницата му ги должи на Фондот”. Од ФЗОМ се децидни дека германската болница не им испратила финална фактура за 30 дена како што барале во дописот, туку три години подоцна така што тие немале како да знаат дека дополнителни трошоци воопшто имало.

Од ФЗОМ објаснуваат дека побарувањата од странската болница се однесуваат на дополнителни трошоци за 16 лекувања на осигуреници, кои се завршени и за кои Фондот претходно со решение одобрил и исплатил трошоци аконтативно. Во моментов за пет од нив се покренати судски постапки од страна на странската болница. Во конкретниов случај странската болница дополнителните трошоци ги бара три години по завршеното лекување на осигурениците што не било во согласност со роковите регулирани со актите на Фондот.

„Во целата оваа ситуација, во постапката за усогласување на трошоците во оние случаи на лекувања на осигуреници, каде е констаирано дека произлегуваат дополнитителни трошоци, странките имаат можност, правото да го остварат во соодветна правна постапка која ќе ја поведат пред Фондот. Фондот, согласно Законот за управна постапка ги информира странките дека може да поднесат барање за признавање на дополнителни трошоци од завршено болничко лекување, како би можело по истите да се постапува. Со активностите кои ги превзема Фондот во моментов во никој случај не ги доведува во неповолна положба, туку напротив, како јавен орган Фондот им овозможува да ги остварат и заштитат своите права и правни интереси на што е можно поефикасен и полесен начин”, се вели во одговорот од ФЗОМ до „Слободен печат“.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот