Гастрономско ремек-дело на Дијана Иваноска: Домашно крем-сирење со ореви и босилек

Фото: Приватна архива

Животот навистина може да биде беспрекорно „вкусен“, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.

Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

– Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната – ни открива Дијана.

Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно вистинско гастрономско уживање – домашно крем-сирење со ореви и босилек.

Фото: Приватна архива

– Прекрасно ароматизирано од босилекот и малку крцкаво од оревите. Најтопло ви препорачувам да го пробате. А и чувството дека сами сте си направиле сирење е прекрасно – порачува Дијана.

Состојки:

– 2 литри пастеризирано полномасно млеко (со најголем процент масленост што ќе најдете. Моето беше 3,5)
– сок од еден лимон. Ако е мал лимонот сок од еден и пол лимон
– 1 лажиче сол
– 2 лажици маслиново масло
– 30 г путер
– 50 г ореви сечкани
– еден грст сечкан босилек

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Млекото ставете го во тенџере на оган. Загревајте додека зоврие. Кога млекото ќе зоврие, постепено додајте го сокот од лимон и нежно мешајте. Зрнцата сирење веднаш ќе се одвојат од сурутката. Почекајте 2,3 минути додека сурутката се разбистри.

Ставете цедалка над еден сад и претурете ја смесата. Ако немате ситна цедалка може да употребите чиста газа за да ја прецедите смесата. Оставете неколку минути да истече сурутката, не мора да стискате. Ставете малку сол врз сирењето и додека е врело префрлете го во блендер или сечко. Додајте го маслиновото масло и блендирајте 2, 3 минути додека стане мазно и кремасто.

Со оваа постапка, крем-сирењето е готово. Додајте уште сол по вкус.

За да добиете крем сирење кое ќе држи форма пред да го блендирате додајте и 30 грама путер. Потоа, префрлете го во сад да се излади малку и потоа додајте ги оревите и босилекот. Ако ги додадете додека е врело, босилекот ќе потемни. Место босилек може да ставите зачини по желба (оригано, мајчина душица).

Префрлете ја смесата на хартија за печење и со помош на хартијата оформете ролат. Страните завиткајте ги како бонбона. Оставете го во фрижидер преку ноќ да се стегне.

Исечете го на парчиња и уживајте.

На фотографиите е комбинирано со тостирано лепче и сушен домат во маслиново масло. Превкусно.
Може да стои во фрижидер околу една недела, ако ви издржи една недела.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот