Фронтекс од денеска ќе помага за безбедност на македонската граница и борба против криминалот

На свечена церемонија во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ денеска беше означено официјалното почнување на Заедничката операција на Фронтекс во Македонија која ќе трае до 24 јануари 2024 година. Со тоа Македонија стана петтата држава надвор од ЕУ која е домаќин на ваква заедничка операција, со прв потпишан договор во регионот на Западен Балкан согласно новиот, зајакнат мандат на Фронтекс.

На македонско-грчката граница над 100 европски гранични полициски службеници ќе работат заедно со нашата гранична полиција на надгледување и проверки на границата, управување со миграциите, патролирање и собирање информации за прекуграничниот криминал и идентификувањето на можни ризици и закани. Подоцна е предвидено да се опфатат границите и со Србија и Албанија.

На свечената церемонија се обратија премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како домаќин на церемонијата, евроамбасадорот Дејвид Гир, европарламентарката Лена Дупонт, извршниот директор на Фронтекс Ханс Лајтенс, а видео обраќање имаше еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.

Според Ковачевски, овој настан е во духот на нашата цврста заложба и определба Република Северна Македонија, што поскоро да стане дел од пошироката европска заедница.

– Горди сме како нација што овој Договор е прв потпишан договор со ЕУ на македонски јазик, без додавки, фусноти и ѕвездички, што е доказ за заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, коишто со овој документ се поставени на европско рамниште, заедно со сите други јазици и идентитети на земјите членки на ЕУ, изјави Ковачевски.

Во своето видео обраќање еврокомесарката Јохансон рече дека „по повеќе од пет години планирање, конечно имаме полициски службеници од Фронтекс заедно со своите колеги од граничната полиција на Република Северна Македонија кои ќе обезбедат сигурност и ефективно менаџирање на границите“.

– Во изминатите години Република Северна Македонија ја покажа својата посветеност да ги спречи нелегалните гранични преминувања и да се бори со криминалните групи кои демнат во сенките, профитирајки од човечките катастрофи. Властите во Република Северна Македонија, посебно министерот Спасовски ги пресретнаа овие предизвици, задржувајќи ги заедничките вредности, осигурувајќи дека границите на државата се обезбедени, во хармонија со заштитеното достоинство на оние кои се обидуваат да ги преминат, рече Јохансон.

Според амбасадорот Гир, почетокот операциите на Фронтекс во земјава е уште еден позитивен развој во односите помеѓу Европската Унија и Северна Македонија.

– Во пракса, благодарение на оваа заедничка соработка помеѓу Фронтекс и граничната полиција, границите на Република Северна Македонија ќе бидат побезбедни, а напорите на Европа за борба со илегалната миграција, криумчарењето мигранти и други криминални активности ќе бидат засилени, што е заеднички интерес на сите нас, изјави Гир.

Министерот Спасовски, пак, кажа дека заедничкиот настан со Фронтекс испраќа многу важна порака – дека не сме сами во справувањето со нелегалната миграција, а современите безбедносни предизвици бараат партнерски пристап и заеднички одговор.

„Нашата заедничка посветеност во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал неминовно ќе обезбеди поголема безбедност како за граѓаните на нашата држава, така и на ЕУ. Во оваа заедничка акција чекориме заедно, како рамноправни партнери, бидејќи единствено со заеднички, координиран пристап можеме успешно да се справиме со глобалните предизвици, изјави Спасовски.

За извршниот директор на Фронтекс, Ханс Лајтенс, денешниот ден претставува значајна позитивна пресвртница.

– Овде сме на започнување на заедничката Фронтекс мисија која ќе ги зајакне границите на Република Северна Македонија. Овде најдовме посветен партнер кој ја дели нашата посветеност на одржување на интегритетот на нашите граници. Заедно ќе работиме неуморно за заштита на нашите граѓани и да обезбедиме безбедност и сигурност за целиот регион, рече Јалтенс.

Полициските службеници од Фронтекс и од македонската гранична полиција ќе учествуваат во заеднички тренинг активности за развој на капацитетите на гранична контрола преку размена на оперативни информации, професионално искуство и најдобри воспоставени практики, а ќе работат под команда и контрола на Граничната полиција на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот