ФОТО+ВИДЕО | Почина хрватската пејачка Касандра: Вечерта заспа и повеќе не се разбуди

Фото: Јутјуб/Принтскрин

Почина кралицата на некогашната хрватска денс сцена Даворка Ручевиќ (55), попозната во јавноста како Касандра, јавуваат хрватските медиуми.

Нејзиниот препознатлив глас, изглед и харизма никого не оставија рамнодушен, а имаше неколку безвременски хитови кои и денес со задоволство се слушаат.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Касандра починала на 3 декември, потврди нејзината мајка Даринка Газибара за „Загреб.инфо“.

– Вечерта заспа и не се разбуди… Многу ми е тешко, во моментот се наоѓам кај пријателка, бидејќи не можам да бидам сама. Вечерта се бакнувавме и прегрнавме, секоја отиде во својот стан и утредента повеќе ја немаше – изјавила Даринка.

Во едно неодамнешно интервју, Касандра изјавила дека има ендометриоза, не можела да оди. Станува збор за болест која, како што објаснуваат лекарите, се јавува од најмала возраст и може да го наруши менструалниот циклус, а доколку не се лекува може да доведе и до неплодност. Најчесто се јавува кај жени кои не раѓале, а цистите се отстрануваат со хормонска терапија или со лапароскопска операција, пишува хрватски „Јутарњи“.

Последен пат во јавноста се појавила во 2007 година кога била на роденденската забава на поранешниот менаџер Владимир Михаљек Миха во хотел во Загреб.

Касандра се прослави со хитот „Не си единствен на светот“, а во 1994 година настапи на „Задар фест“ со песната „Казна“. За песната „I Gotta Feeling“ сними спот кој важеше за најскап дотогаш во хрватската музичка продукција, а со истата песна настапи на „Загреб фест“ во 1994 година.

Во деведесетите важеше за секс-симбол и за една од омилените претставнички на танцовото (денс) движење, а се прослави и со глас кој имаше опсег од дури четири октави.

Сепак, само неколку години по почетокот на кариерата Касандра одлучила да се повлече од јавната сцена. Во јавноста не била видена се до 2007 година кога се појавила на роденденската прослава на некогашниот менаџер.

Многу познати личности се збогуваат од познатата пејачка.

„Тажната вест ми дојде во Ирска, се надевав дека е една од многуте „лажни вести“, но за жал, изгледа дека не е. Даворка Ручевиќ Касандра починала на 3 декември 2021 година. Почивај во мир убавице и ти благодарам за сите убави моменти што ги поминавме заедно во 90-тите“, напиша Горан Горичанец.

„Не мислев дека ќе го препратам ова. Благодарам на Горан Горичанец за веста, иако тоа е тажна вест. Се слушнавме неодамна преку пораки и навистина сум шокиран. Спиј мирно, драга Касандра”, порачал раперот Ренато Ѓошиќ Ренман.

Многумина беа збунети од годината на раѓање на познатата пејачка, а музичарот Ренато Метеси во својот статус напиша дека Касандра не ги кажувала вистинските години и дека била постара отколку што се мислело.

„Ин мемориам! Даворка Ручевиќ Касандра. Родена 1973 година во Загреб, почина на 48-годишна возраст од долга и тешка болест! Достапните лични податоци за годината на раѓање се непроверени и можеби неточни?! Се повлече од јавноста и веќе долго време живееше во целосна изолација, сама во разурнатата куќа на баба ѝ во Буковац. Како моја лична пријателка од најраниот период (се запознавме кога имаше 18 години) од нејзиниот краток музички и несреќен живот, по овој повод се збогувам со неа како моја колешка и драга личност. Збогум Даворка, чест ми беше што те познавав, ти посакувам вечен мир и спокој каде што сите патуваме… до својата куќа и дом. Твоето царство е небесно“, напишач Ренато Метеси.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот