ФОТО+ВИДЕО | Петгодишниот Огнен од Србија сруши светски рекорд – стана најмладиот освојувач на Килиманџаро

Фото: Фејсбук/Зоран Живковиќ

Огнен Живковиќ од Србија е петгодишно момче кое го сруши светскиот рекорд и стана најмладиот освојувач на Килиманџаро – највисокиот планински масив во Африка, чиј највисок врв се наоѓа на 5.895 метри надморска височина, објави „Мондо“.

Малечкиот Огнен успеа да го сруши рекордот на Колтон Танер од Албакерки, Ново Мексико, кој го искачи овој врв на шестгодишна возраст.

„На шестгодишна возраст, Колтин ја помина полесната патека Лемош за седум дена. Оги ја одеше патеката Машаме, која е потешка, и го освои Килиманџаро за шест дена, на пет години“, изјави мајката на Огнен, Катарина Живковиќ (28), фотографка.

Фото: Фејсбук/Зоран Живковиќ

Мајката на момчето вели дека рекордот на Огнен е речиси невозможно да биде срушен – следното дете што ќе го искачи Килиманџаро, а сака да постави нов рекорд, ќе треба да има четири години и да ја помине истата рута како Огнен.

Огнен ја доживеа оваа неверојатна авантура заедно со татко му Зоран Живковиќ (41), доктор по медицина, а за неа е заслужен дедото на Огнен.

„Мојот покоен татко, а дедо на Оги, ме учеше географија. Прво ме научи кои се највисоките планински врвови во светот. За време на моето патување во Норвешка и искачувањето на Тролтунга, водичот ни раскажуваше за Килиманџаро.

Тоа ме заинтригира, а потоа од љубопитност дознавме дека некое шестгодишно момче од Америка го искачило највисокиот врв во Африка. Гледајќи ги снимките од тоа дете, ние сфативме дека нашиот сим има подобри предиспозиции од тоа дете. Желбата за освојување на Килиманџаро растеше сѐ повеќе, а ние трениравме поради здравје и љубов кон планините.

На крајот решивме, бидејќи сфативме дека навистина можеме. Нашиот син без проблем освојуваше врвови, повисоки од 3.000 метри и поминуваше повеќе од 20 километри дневно. Сè му беше забавно и интересно. Детската љубопитност му даваше сила. Неговата мотивација беа нашите убави разговори за природата. Тој никогаш не се покажи дека е уморен, а ниту јас“, изјави таткото на Огнен.

Фото: Фејсбук/Зоран Живковиќ

Огњен ги имал своите први излегувања во природа на тригодишна возраст, во Баварската шума. По петтиот роденден го освоил Ртањ на потешката северна страна, спиел во шатор на 4 Целзиусови степени и утрото преку селото Морова се спуштил на јужната страна.

„Помина патека од 23 километри. Потоа ја освои Бељаница. Тогаш сфатив дека е роден за големи предизвици. Бидејќи јас како татко сакам алпинизам и планинарење, решив да го воведам син ми во тој свет, каде што секогаш сме среќно изолирани од приземните глупости од секојдневниот живот“, изјави таткото за „Мондо“.

Неговата мајка Катарина вели дека Огнен е исклучително љубопитно дете, преполно со енергија. Уште од двегодишна возраст почнал да се интересира за универзумот и оттогаш научил сѐ за планетите. Една од неговите желби е да проследи лансирање на ракета во живо. Но, и покрај сѐ, Огнен е скромно дете, кое неретко се радува на ситници.

„Мислам дека Огнен дури за неколку години вистински ќе сфати што направил со тоа што се искачил на Килиманџаро и што сме му овозможиле. Јас, како мајка, сум многу горда. Едвај чекам да го гушнам и да ги слушнам неговите приказни. Татко му се расплака на врвот. Верувам дека чувствата на Оги биле измешани, по цела година вежбање и волја која не изгасна“, раскажа мајката за „Мондо“.

Фото: Фејсбук/Зоран Живковиќ

Катарина истакнала дека таа и нејзиниот сопруг, како родители, се трудат да му дадат до знаење на малечкиот Огнен дека веруваат во него и дека ги поддржуваат неговите амбиции.

„Сакаме тој да верува во себе и мислам дека е важно да го научи тоа уште на мала возраст, да изгради самодоверба и да нема никакви трауми од детството, Многу ни е важно да има добра основа од детството, бидејќи сѐ почнува оттаму“, потенцирала таа.

Фото: Фејсбук/Зоран Живковиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот