ФОТО+ВИДЕО | Како ќе изгледаат луѓето за 1.000 години? Згрбавени, со дебел врат и со раце-канџи

Фото: Принтскрин/Твитер/Дејли мејл

Тешко е да се замисли дека секојдневното повеќечасовно гледање во малите и големите екрани нема никакво влијание на изгледот на човечкото тело и текот на еволуцијата. Обидувајќи се да визуелизираат како технологијата би можела да ги трансформира нашите тела во следните илјада години, научниците ја создадоа Минди – гротескен модел на жена од иднината што се карактеризира со згрбавеност, широк врат и прсти кои изгледаат како канџи за пишување (типкање) пораки.

„Се послуживме со научните истражувања и побаравме експертско мислење на оваа тема пред да работиме со 3Д дизајнер на создавањето иден човек чие тело физички се променило поради постојаното користење на паметни телефони, лаптопи и друга технологија“, ги пренесува „Дејли мејл“ зборовите на истражувачите кои го создале овој 3Д модел.


Годините поминати во гледање во паметните телефони и компјутерските екрани би можеле да резултираат со подгрбавено држење на телото, а рацете ќе бидат трајно обликувани со канџи поради постојаното држење на паметните телефони, тврдат тие.

„Начинот на кој ги држиме телефоните може да предизвика напнатост во одредени контактни точки и синдром на кубитален тунел“, објаснува д-р Никола Ѓорѓевиќ од Med Alert Help.

Освен „канџи“, нашите раце од истата причина, би можеле да имаат и „лакт на паметен телефон“ – константен агол од 90 степени поради типичниот начин на кој го држиме мобилниот телефон. Тоа не е сѐ – постојаното гледање во мобилните телефони може да предизвика и задебелување на вратот.

„Кога работите на компјутер или гледате во телефонот, мускулите на задниот дел од вратот мора да се собираат за да ви ја држат главата нагоре“, објаснува друг научник, К. Даниел Рив, зошто моделот е екстремно подгрбавен.

„Колку повеќе гледате надолу, толку вашите мускули ќе мора посилно да работат за главата да ви биде крената. Овие мускули може претерано да се изморат и да болат од гледањето во паметните телефони и таблетите или од поминување на поголемиот дел од работниот ден на компјутери“, додава тој.

Научниците „вклучиле“ и подебел череп и помал мозок, како и втор очен капак во моделот Минди.

„Луѓето можат да развијат поголем внатрешен очен капак за да спречи изложување на прекумерна светлина или очната леќа можеби е еволуциски развиена за да ја блокира влезната сина светлина, но не и други светла со висока бранова должина како зелена, жолта или црвена“, заклучил Касун Ратнајаке од Универзитетот во Толедо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот