ФОТОГАЛЕРИЈА: Шпанија е пресилна за најдобрите македонски ракометарки

Момент од ракометниот натпревар Македонија - Шпанија/фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Денеска во рамките од третото квалификациско коло за пласман на Европското првенство 2024 најдобрата македонска женска ракометна репрезентација загуби убедливо од селекцијата на Шпанија со резултат 31:19. По првото полувреме избраничките на селекторот Кристијан Грчевски имаа негатива од 17:11.

Поведе Шпанија со голот на О`Мулони, па израмнивме преку Седлоска. Гостинските ракометарки стекнаа и одржуваа предност од два-три голови разлика на стартот, а во деветтата минута дојдоа и до највисоки „плус четири“ (6:2) по погодокот на Гонзалез Ортега.

фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Следуваше наша серија на погодоци, три, реализирани преку Ристовска, Саздовска и Гичевска за само минимална негатива од 6:5 по 12 минути игра. Нашата селекција играше добра одбрана во тие моменти и имаше неколку шанси да го израмни резултатот, но безуспешно.

Противникот повторно се одвои на три голови разлика, казната стигнуваше по секоја наша грешка, а и тешко се спречуваа брзите контри на шпанските ракометарки. Мбенге Родригез стрелаше за 11:8 по 20 минути игра, а Ечевериа Мартинез постигна гол за 12:8 на семафорот.

фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

По голот на Маџовска за намалување, следуваше исклучување кај ривалот, односно две минути доби Ечевериа Мартинез, па намаливме на 12:10 преку Ристовска. Игравме храбро, рамноправно сè до финишот кога дозволивме негативата да оди и на највисоки „плус шест“ на паузата (17:11).

Имавме слаб старт во вториот дел, тоа го казни Шпанија со нови четири голови и веќе противникот водеше „двоцифрено“ со 21:11 покажувајќи зошто е фаворит на овој дуел. Осум минути веќе поминаа од второто полувреме, тешко доаѓавме до реализација, конечно тоа го прекинавме преку нашата најрасположена ракометарка Ристовска за 23:12 на семафорот.

фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Грчевски беше свесен за квалитетот на шпанската репрезентација, па одлучи да им даде шанса и на останатите наши репрезентативки кои имаат помала минутажа. И натаму водството на Шпанија остануваше високо, во 47 минута Ардериус Мартин постигна гол за 25:15, а Маџовска подоцна дојде и до нејзиниот трет гол на мечот.

На 10 минути до крајот на средбата сите дилеми околу победникот беа решени, само прашање беше каков ќе биде конечниот епилог, на крајот Шпанија славеше со 31:19.

фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Македонија: Гакидова, Коларовска, Петковска, Џатевска 1, Ѓорѓиевска 1, Јанкуловска, Мицевска, Кипријановска 4, Седлоска 1, Арсениевска, Ристовска 6, Маџовска 3, Саздовска 1, Гичевска 1, Дамјаноска 1, Кицеска.

Овие две селекции ќе се сретнат и на 3 март во Ланзароте во рамките од четвртото коло во квалификациите.

фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ
фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ
фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ
фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ
фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ
фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ
фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот