ФОТО: Заканувачки пораки кон Таравари, оставен куршум пред неговиот дом

Фото: ТВ Коха

Денеска пред вратата од семејната куќа на претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари е пронајден куршум.

„Денеска во 9 часот и 34 минути Ј.Џ.(42) од Гостивар во СВР Тетово пријавил дека пред влезната врата од куќата на 50-годишниот гостиварец А.Т. во Гостивар било оставено, односно пронајдено зрно од автоматско оружје калибар 7, 62 милиметри.Екипа од СВР Тетово-ОВР Гостивар извршила комплетен увид, пронајденото зрно е фотодокументирано и подигнато за вештачење.Се расчистува и документира случајот“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.

Фото: ТВ Коха

Заканувачката порака кон лидерот на Алијанса за Албанците следи по последните случувања во партијата.

Синоќа претседателот на Собранието на Алијансата за Албанците Зијадин Села во партиското седиште во Тетово на прес-конференција посочи дека никој во партијата па и претседателот Таравари не смее да носи одлуки оти статутот на партијата налага одлуките да ги носат телата. Поради тоа во сабота ќе го свикам највиското тело на партијата, кое ќе одлучува за одговорност на претседателот Таравари, дополни синоќа Села.

Веднаш по прес-конференцијата на претседателот на Собранието на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, во партиското седиште во Тетово, се случи инцидент меѓу приврзаниците на Зиадин Села и тие на Арбен Таравари.

Во ресторанот Седра во Тетово, поддржувачот на Арбен Таравари, Кренар Османи, со тупаници го нападнал Дритон Небиу, директор на агенцијата за одземен имот и кадар на Алијансата за Албанците, кој се спротиставил на одлуката на Таравари.

„Вчеравечер во 21 часот и 40 минути во СВР Тетово, Д.Н.(36) од скопско Арачиново пријавил дека два часа пред тоа во угостителски објект на улица „Маршал Тито“ во Тетово, каде престојувал со уште неколку други лица, по претходна расправија, физички бил нападнат од 46-годишниот тетовец К.О., кој употребил и метален предмет. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот“, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи во врска со вчерашниот инцидент.

Фала на Бога добар сум, само што уште сум вознемирен, изјави денеска за „Слободен печат“ Дритон Небиу.

Двата табора во Алијансата за Албанците ги влошија односите откако Арбен Таравари донесе одлука, да оди на избори со албанската опозиција, на што се спротивставија приврзаниците на Села останувајќи на ставот Алијансата за Албанците сама да оди на избори.

Претседателот на партијата Арбен Таравари објави дека АА ќе се приклучи на албанскиот опозициски фронт. Таравари доби поддршка од министерот за здравство Фатмир Меџити, а му се спротивставија поранешниот прв човек на партијата Зијадин Села, министерот за правда Кренар Лога и потпретседателката на АА Илире Даути. Тие го обвинија Таравари дека тој како поединец не може да одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот