ФОТО: Вреќи со песок ги штитат Кирил и Методиј од руските ракети во Киев

Фото: Wikiwand

Просветителите на Словените, Кирил и Методиј, имаат свој споменик во Киев, изграден во 90-тите години, по прогласувањето на незавиноста на Украина. Споменикот се наоѓа на еден од поголемите плоштади во градот, веднаш до споменикот на кнегиња Олга, е заштитен со вреќи песок уште од првите недели на руската инвазија врз Украина.

Која била кнегињата Олга Киевска? Оваа владетелка на тогашната Киевска Русија била прв владетел на царството да го прифати христијанството. Била покрстена во Охрид во 955 година, а нејзиниот внук, кнезот Владимир во 987 година. Така зацврснале врските на Киев со Охрид.

Споменичниот комплекс чиј дел се скулптурите на Кирил и Методиј / Фото: WIkiwand

Христијанизацијата на Киевска Русија хронолошки се совпаѓа со постоењето на Самоиловото Царство, кога Охридската архиепископија била подигната на степен на патријаршија во 999 година. Се смета дека првата жена на Владимир била од родот на Самоил. Нивните деца, Борис и Глеб, денес се светци во Русија. Охрид бил популарен центар во тоа време, а Киевска Русија имала послаби врски со Цариград, односно Византија.

Историчарот Приселков дури констатира дека „кога бил ракоположен првиот руски митрополит, Теопемт, во 1037 година, руската црква била потчинета на Охридската патријаршија”.

Книгите на Кирил и Методиј биле популарни во Киевската Рус во тоа време, а според преподобниот Нестор кој живеел во 11 век, монах од Киевско-Печерскиот манастир, солунските браќа, престојувајќи кај Хазарите, ги превеле Евангелието, Апостолот, Октоихот, Псалтирот и другите најзначајни црковни книги.

Хазарската мисија на солунските браќа се случила во градот Херсон, денешна Украина, еден век пред доаѓањето на Олга на власт и постоењето на Самоиловата држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот