ФОТО | Украсуваме со Ружица Крстева: Направете сами божиќен календар за деца

Фото: Инстаграм/Ружица Крстева

Пред нас се новогодишните и божиќните празници, период во кој секој од нас сака да го претвори домот во бајковита идила. Елки, лампиони, светилки – колку поблескаво, толку позабавно. Речиси и да нема човек, без разлика на возраста, кој не се радува на убаво украсен простор.

Ружица Крстева од Скопје е мајка на три деца – тригодишната Тамара и едногодишните близнаци Виктор и Стефан. Нивните фотографии на социјалните мрежи се навистина симпатични и, дефинитивно, ќе ви измамат насмевка на лицето. Оваа млада жена, која е архитект по професија, а работи како графички дизајнер, знае како да ја поттикне креативноста кај своите деца, па неретко споделува моменти и од нивните забавни активности и „направи сам“ проекти.

Специјално за нашите читатели, таа го сподели својот омилен новогодишен проект годинава – адвентски календар за нејзината ќерка Тамара, кој се користи за броење на деновите во пресрет на Божиќ. Па, материјалите и подароците во раце и направете малечко календарче со кое ќе ги преброите деновите до 7 јануари, а оваа идеја зачувајте ја и за наредната година кога ќе можете да го направите целосниот календар.

Вашите објави на социјалните мрежи се вистинска инспирација кога станува збор за уредувањето на домот. Но, што е тоа што Вам ве инспирира?

– Благодарам. Јас сум човек што секогаш ги гледа убавите работи во некој или нешто. Наоѓам инспирација буквално во сѐ што ме опкружува.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Ружица (@ruzica.krsteva)

Пред нас се новогодишните и божиќните празници. Што е ново и актуелно кај празничното уредување на домот?

– Рачните изработки и подароци, кои се бесценети, никогаш не излегуваат од мода, а јас особено ги ценам декорациите кои се направени со реупотреба на материјали или од ништо да направиш нешто.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Ружица (@ruzica.krsteva)

Кој „направи сам“ новогодишен проект ви беше најинтересен годинава?

– Го издвојувам адвент календарот кој го спремив за мојата ќерка, Тамара. Првпат правам нешто вакво и се забавував правејќи го исто колку и таа додека ги отвара подароците.

Дали може да ја споделите постапката со нашите читатели?

– Многу е едноставно. Се состои од 30 пакетчиња (хартиени ќесички за сончоглед) во кои спакував различни подароци, а потоа ги декорирав со фломастери, машнички, лепенки, и реден број, за секој ден од месецот. Подароците се ситни и симболични, но сепак се обидов да одберам работи на кои знам дека Тамара ќе им се израдува. На пример: модли и посипи за декорирање колачиња, сложувалка, прстенчиња, балони, карти за кино, сет за правење лампиони… За да бидат ќесичките со иста димензија, подароците кои не ги собираше внатре ги скрив низ дома, со порака и дополнителна забава на играње „скриено богатство“. На крај, сите ќесички ги залепив со дуплофан на ѕидот во нејзината соба.

Бесплатни и евтини подароци кои ќе им ги разубават празниците на децата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот