ФОТО | Три прашања за Драгана Левенска, глумица: Анксиозноста ја победив кога си подадов рака себеси

Фото: Приватна архива

Книгата што две години ја пишував ми помогна повторно да се вратам на патот од каде што сум тргнала и храбро, без страв, повторно да верувам во животот, вели глумицата Драгана Левенска, која од 2014 година работи во МНТ.

Како синоним за театарот често се спомнуваат „даските што живот значат“. Ставајќи се себеси во контекст на оваа изрека – од што „даските“ те спасиле во животот, а со што од својот живот ти нив ги задолжуваш?

Нема многу да филозофирам на ова прашање, ќе бидам конкретна. И во двете околности се создава и се дава, живот, спокој, душа и взаемна енергија.

Не ми беше тешко да пишувам, зашто тоа беше најдобриот лек за мене, соочувањето со себеси и гласното кажување, без срам, за своите трауми и оние работи што сум ги доживеала, а биле силно заклучени во мене / Фото: Приватна архива

 Си почувствувала ли предрасуди кога една глумица, вклучувајќи те и тебе, ќе се разголи на сцената или на екранот, во споредба со разголувањето на еден глумец, кое е некако понормално прифатено? Кои се според тебе најнесфатливите предрасуди со кои си се соочила како глумица, но и во животот, како жена?

Живееме во општество, кое, за жал, е полно со предрасуди и осуди и тоа воопшто нема врска со ниедна професијата. Живееме во општество каде што зборот мора е позначаен од зборот сакам. Јас, за среќа, се имам изборено со тоа мора, и со одредени правци од општеството. Предрасудите на другите луѓе повеќе не ме засегаат, едноставно тоа се нивни гледишта и тоа е ОК. Она што ми е мене важно е да живеам спокојно и задоволно во оној свет кој јас го создавам и да правам така како што јас сакам и чувстувам, а не како што е исправно или како треба и мора да биде. А што се однесува до мојата професија, талентот е најубавиот подарок што можеш да го добиеш. Можеби не е едноставно и не е бајковито, но привилегија и чест е да си жена – актер. И повторно кога би се родила би била таму каде што сум денес. Што се однесува пак, до голотијата, емоционалното соголување е тема која мене лично ми е предизвик да ја разговарам. И кога ќе земете да ги разгледувате социјалните медиуми, ќе наидете на поголема голотија отколку што има застапено во мојата професија, иако во мојата професија станува збор за уметнички чин.

Фото: Приватна архива

Во еден период се бореше со анксиозноста, тагата, паничните напади, потоа победнички најави дека ќе објавиш книга на таа тема, која е веќе на пат. Кои поглавја ќе ги содржи книгата, кој дел во неа најтешко го (о)пишуваше, и како тебе ти успеа да ја победиш анксиозната состојба? 

– Отсекогаш сакав и имав желба некогаш да напишам книга. Но не мислев дека тоа ќе се случи сега и тоа во еден мој доста кризен период од животот. Пред две години почнав случајно да пишувам и искрено не знаев дека пишувајќи дневник создавам книга. Книгата е дел од тој мој период, во неа ги има сите мои разговори со себе, таа тетратка е дел од мене. Не ми беше ништо тешко да пишувам или да опишам, бидејќи тоа беше најдобриот лек за мене, соочувањето со себеси и гласното кажување без срам за своите трауми и оние работи кои сум ги доживеала, а биле силно заклучени во мене. Таа тетратка ми помогна повторно да се вратам на патот од каде што сум тргнала и храбро, без страв, повторно да верувам во животот. Победив кога си подадов рака себеси.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот