ФОТО | „Кластер ЈСП, како да нема пандемија“: Граѓаните се жалат на гужви поради редуцираниот број на градски автобуси

До редакцијата на „Слободен печат“ пристигнаа фотографии на кои може да се забележи дека во автобус на ЈСП не се почитуваат анти-ковид-мерките. Како што ни пишува читателката, фотографиите се направени вчера околу16.30 часот. 

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Откако ги добивме фотографиите, ги прашавме читателите на нашиот инстаграм-профил какво е нивното искуство при користење на градскиот превоз изминатиов период.

Во продолжение, прочитајте што ни одговорија досега:

– Гледам максимално да го избегнувам градскиот превоз, баш ради оваа причина. Наместо да има повеќе линии, се направи сосема спротивното и нелогично… Практикувам повеќе пешки одење или такси во краен случај доколку е некоја подалечна релација. Оваа мерка ми е сосема нејасна има толку многу луѓе кој секојдневно го коростат јавниот превоз, не навлегувам дали сакаат или мораат, ама ми е тотално не јасно зошто се редуцирани автобуските линии. Гужвата е сосема јасна и сфатлива, дека ќе ја има, пишува Теа.

– Изретчен е распоредот, а автобусите не доаѓаат на време. Како пример 8та никогаш не доаѓа на време, или касни по 20/30 минути, или поминува пред време. А 57та е секогаш преполна, пишува Марија;

– Каков период, ова трае од почетокот на пандемијата, ги скратија автобусите наместо да пуштат повеќе. Во сите автобуси е иста приказна секој ден, некогаш нема ни место да се качиш, а следниот е дури за 1 час. Срамота, пишува Драгана;

– Баш како на сликите ми се случи,  еден човек влезе во автобус, ја извади маската и седна до мене. Неможев да се тргнам пошто беше полно во автобусот, пишува Тамара;

– Секој ден е вака, морам да пешачам 6 километри до дома. Возачот не води никаква сметка, пишува Никола.

– Нема никакви мерки ни па растојание ништо, тоа е катастрофа што се дешава ради тоа сега сум во изолација заразена со Covid-19. Мора да се воведат мерки за во градските превози бидејќи секој мора да оди на работа, а никој не води ред и дисциплина во истите (посебно 2-ка), пишува Зорица;

– Се е кажано, доволно е да се види сликата, ова се случува во меѓуградските автобуси, плус тоа ретки се и многу гужви има, некои не ни застануваат од што се преполни…, пишува Сандра;

– Автобусите се дефинитивно кластер, ништо не се почитува, секој секого турка… Ова е слика за секојдневието на граѓаните во ЈСП, пишува Дарко;

– Џабе се мерките со кафаните, кога јавниот превоз и моловите се преполни. Нема доволно автобуси и луѓето се практично еден врз друг, а пак моловите се преполни со шетачи кои ги кашлаат продавачките што немаат друг избор зошто се на работно место. Работава е пола менталитет, пола неорганизирана држава, пишува Катерина;

– Океј е, прекршени се, но побитното прашање е, зошто возниот ред е редуциран? Народот мора да оди на работа, а ако нема кола или велосипед и ако им е далеку работното место, како да стигнат на работа? Вакви слики само покажуваат колку јавниот превоз ни е очаен, а не колку народот се тутка и прекршува ковид мерки. За да не доаѓа до ова ЈСП треба да пуштат редовен возен ред, пишува Сара;

– Дека се прекршени, се, aма постојано ми излегуваат вакви слики и упорно се плука по народ. На загаденово и ладново кој би одел пешки или со точак? Кола сите немаат. Луѓе мора да одат на работа, не знам зашто сме изненадени од гужви, пишува Тања;

– Еднаш во 22ка и веќе никогаш – или пешки/точак или со такси. Имаше премногу гужва и возачот воопшто не регулираше, пишува Марија;

– Оваа глетка откако знам за себе е секојдневие во јавниот транспорт. Токму поради тоа, отсекогаш сум одела секаде пешки, меѓутоа за поголеми релации секако сум користела автобус. За некои луѓе, неизбежно е користењето на овој превоз бидејќи живеат многу далеку, немаат пари за такси, немаат автомобили и мал милион други причини. Луѓето не се виновни за ова. Додека пак, исто така не ги оправдувам и луѓето кои си се “возат” во автобусите туку така, колку да си се повозат и направат муабети. Откако е почната пандемијата вкупно 2 пати сум се качила во автобус и среќа немало гужва, но ги разбирам луѓето кои се возат изнемоштени и уморни од работа за да си дојдат дома. Мислите нив им се гужва по автобуси? Секако дека не. Мојата мајка цел живот оди со автобус на работа, но откако почна кризата цело време користи абтомобил за до работа или оди пеш. Меѓутоа има колешки кои не можат. Затоа, треба да се најде начин некаков да се спречи гужвата во јавниот превоз дали тоа ќе биде зголемување на бројот на автобуси или навистина не знам, во спротивно ова е глетката во автобусите и ќе биде така секогаш, пишува Анастасија;

– Еднаш се возев во 2-ка пред 2-3 недели и од тогаш се немам качено во автобус, затоа ќе си се облечам убаво и ќе си возам велосипед од две причини: одржување кондиција и побрзо стигање до било кое место, пишува Стефан;

– Не користам баш од овие причини. Ако треба ќе пешачам до крајот на градот, во автобус не се качувам, пишува Јована;

– И линиите 24, 23, 50, 57. Последниве 2 немам коментар, личен простор 0. Иако се зборуваше дека ќе се зголемат линиите со цел поналку гужва, во пракса е сосем поинаку, пишува Мартина;

– Како редовен корисник на јавниот превоз во Скопје, морам да признаам дека (за среќа) на ваква ситуација не сум налетал. Иако ова беше редовна глетка пред ковид, имав добиено впечаток дека луѓето почнуваат да ги одбегнуваат автобусите од причина што не се опремени со повеќе од прелепена трака која не ти дозволува да одиш накај возачот, како превентивна мерка, иако тој редовно има некој до него што му прави друштво. Во ситуација кога вака полн автобус застанал на постојка пред мене, го чекам следниот и пробувам да не мислам на тоа како ќе задоцнам каде и да треба да стигнам. За жал ова е доказ дека не сме ги успориле животите доволно, какошто повеќето тврдат. Но дел од тие луѓе не би можел да ги обвинам целосно, бидејќи финансии за такси превоз се уште се луксуз за многу од нив. Сопствено возило во нидеден случај нема да коментирам, ниту оправдувам, пишува Виктор;

Исто, вакво, секој ден е вака, затоа веќе не ни користиме јавен превоз, кратко ни опишаа Георгина, Дамјан и Тодор.

– Мојата гледна точка за ова се и во однос со скопските автобуси е ваква: Јас секој ден патувам со автобус, сум имала прилика различни ситуации да гледам и слушам, многу луѓе – многу турканици, пуштаат само еден автобус, а за да се избегне гужвата треба два, граѓани спијат во автобус, влегуваат без маска или ја вадат при возењето, седнуваат на местата кадешто е обележано да не седи. Многу ми иритира состојбата и прекршувањето на мерките, да ги почитуваа и другиот дел од мнозинството, до сега вирусот немаше толку да се прошири…, пишува Јана;

– Исто е искуството, преголема гужва и во периоди кога треба да има повеќе автобуси, пример околу 17 часот кога завршува работното време на поголемиот дел од вработените кои се движат на релациите кон Аеродром, Ново Лисиче… Тие линии се преретки и преполни, може да поминат три полупразни 9ки на Југодрво во рок од 15 минути, ама затоа има една 5ка и една 23ка, што освен за патницити кои одат накај Аеродром, се возат и луѓе кои одат во населбата Ченто. Автобусите се преполни и иако на сите седишта се седи (нема веќе на едно се седи, на едно не) тие што стојат, се гужваат и се наредени како сардини, пишува Наски;


Автобусите, како што им е познато на сите што и во време на опасност од зараза мораа да се превезуваат со градските возила, возеа по саботен дневен ред, па едно време само двапати дневно по неколку часови. Притоа, беше ограничен и бројот на патници кои истовремено смеат да се качат во ист автобус, иако според изјави на граѓаните, ова најчесто не се почитувало во периодите кога се оди или се враќа од работа.

Според ЈСП, за 49 отсто е намален бројот на граѓани што се превезувале со автобусите во периодот од јануари до септември годинава во однос на истиот период лани. Прикажано со бројки превезени се вкупно 16,7 милиони патници, односно за 15.4 милиони помалку отколку во деветте месеци минатата година.

Пандемијата со коронавирусот, како што покажува извештајот за остварените резултати од работењето на јавниот градски превозник, сериозно влијаела врз неговото нормално функционирање, затоа што претпријатието континуирано го приспособувало своето работење на донесените мерки и препораки за справување со ковид-19.

– Со редуцирање на возните редови, се намали бројот на поминати километри, превезени патници, часови во работа, возила во работа и слично. Како последица на тоа, се намалија и приходите остварени од превоз на патници – се наведува во извештајот.

Редуцирани автобуси, помалку патници, ЈСП сепак со добивка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот