ФОТО ИНТЕРВЈУ со Емилија Ем Мишева | Ги насликав Ѓорѓи Колозов и Ванчо Петрушевски со љубов за мојот град!

Емилија Ем Мишева
Емилија Ем Мишева

Цртањето мурали е навистина голем предизвик, ако не и една од поголемите визуелни претстави на сликарската уметност. Во основа, тие се силен аларм, потсетник што директно, како „џин“ стапува на сцена и привлекува внимание. Само му е потребно добра површина и храбар уметник.

По повод новите мурали и проектот „Градиме култура, сликаме култура – мурали за 30 години независност“, чепнавме малку и во приказната, зошто токму тие градови и нивно украсување. Носител на проектот е „Фрагмент Комуникации” ДООЕЛ Скопје. Додека, извршител задолжен за спроведување на уметничката и креативна содржина е „Студио КР7 ТП”.

Конкретно, во Богданци е нацртан мурал со Ѓорѓи Колозов и Ванчо Петрушевски. Темата е нивната културна дејност, делата кои ги оставиле зад себе и нивното наследство кое има директен придонес во развојот на државноста. Зад овој величествено доловен мурал, стои потписот на нашата домашна уметница, дизајнерка и сонувачка, Емилија Ем Мишева, инаку и самата родена во Богданци.

Токму затоа, само за „Слободен печат“ ја прашавме две прашања околу целосниот проект и конечно, радоста да се биде дел од уметничкиот отпечаток во својот роден град.

Колку е предизвик да се работи на вака масивна, муралска уметност, особено затоа што за тебе има сентиментална вредност?

Ух, предизвикот беше голем! Имав голема трема и страв “што ако” безброј верзии во глава. Се пријавив на последниот ден од јавниот повик (тогаш слушнав). И без размислување се пријавив за Богданци, со Господ на ум , Гого наш (Ѓорѓи Колозов, заб на нов.) На Нено (Ненад Тонкин), уште од старт му се допадна идејата. Не размислив на тоа, дека четка во рака не сум фатила од основно школо, дека на скеле треба да се качам итн. Од кога му се вратив на цртањето, цртам само со молив/маркери и дигитална илустрација. Кога ме извести Нено, дека сме го добиле проектот, почна да ме фаќа паника… Но, имаше време, па креативниот и логистичкиот процес поминаа низ повеќе фази. Првично сакав да го сликам Гого, но кога почнавме со општината да договараме за ѕид, сфативме дека има простор за уште еден еминентен лик, што е исто така роден во мојот град – Ванчо Петрушевски. И тука се роди првиот концепт за Госпо и Ѓаоло, како секој од нас, низ искуствата во животот, се коцкаме со доброто и злото.

мурал
Мурал/Емилија Ем Мишева/приватна архива

Но, нели, муралот треба да е допадлив на широка публика, и не пројде концептот. Па после неколку нови скици, излезе финалното решение. Имав огромна поддршка од моите сограѓани. Најголема од директорот на Дом на култура (каде што се црташе муралот), Бранко Сапламаев. Беше присутен низ целиот процес, од логистика, до местење на скеле итн. Огромна благодарност. Имаше многу интересни моменти додека сликав. Се собираа моите сограѓани под скелето, генерација на Гого или на Ванчо, и раскажуваа случки од нивното најрано детство. Раскажуваа за театарот под отворено небо, како ја спремале “Елена од Троја”, па направиле дрвен коњ што собира само едно дете…многу беше нектарско, целото искуство. Фидбекот е прекрасен, од сите – јас се топам, мекнеам. А денес, најмногу ме стопли коментарот на Катерина Колозова, ќерката на Ѓорѓи. Благодарна сум до небо. Како да ми се отвори нешто ново со цело искуство. Ете така се чувствувам.

Мурал Емилија Ем Мишева
Емилија Ем Мишева/Facebook
Емилија Ем Мишева
Емилија Ем Мишева/Facebook

Градот Богданци добива посебен печат – како се чувствуваш сега откако знаеш дека дел од тебе останува во „мала вечност“ низ родното место?

Моето Богданци – градот на сонцето и ветерот. Секогаш ми носи спокој, непоснослива леснотија на постоење, но и меланхонија и тага… Така, малку подзаборавено, напуштено. Но тоа е општо позната приказна, за малите гратчиња во Македонија. Богданци ми е дома. Таму ми е фамилијата, таму се враќам секогаш. И затоа ми е муралот при срце. Од секогаш сум си била горда на тоа, дека Гого и Ванчо се од Богданци од дете. А тоа дека ми е прв мурал, за нив и за мојот град, абе сон! Се надевам дека Богданчани ќе си го чуваат и негуваат, а со тоа и споменот за двете легенди!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот