Илустрација / Фото: Pythang / DeviantAert

ФОТО | Дали е можен вонземски живот на оваа планета? Научниците открија услови слични на оние на Земјата

Научниците открија планета која би можела да биде чекор поблиску до пронаоѓање вонземски живот во вселената.

Меѓународен тим на научници ги користел набљудувањата од вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА за да ја анализира атмосферата на егзопланета наречена ЛХС 1140 б, пишува „Сци.њус“ (Sci.news).

Нивните набљудувања потврдиле дека блиската планета може да има океан со течна вода, па дури и атмосфера богата со азот – исто како и Земјата.

Водечкиот автор Чарлс Кадиек, од Универзитетот во Монтреал, рекол: „Од сите моментално познати егзопланети со умерено подрачје и клима, ЛХС 1140 б може да биде нашиот најдобар избор и еден ден индиректно да потврдиме течна вода на површината на вонземски свет надвор од нашиот Сончев систем“.

 


Иако не знаеме точно како би изгледал вонземскиот живот, научниците се речиси сигурни дека за преживување би му била потребна вода во течна состојба, пишува „Дејли мејл“.

Егзопланетата ЛХС 1140 б се наоѓа на 48 светлосни години од Земјата во соѕвездието Кит (Cetus).

Неодамнешната анализа сугерира дека егзопланетата била значително помалку масивна отколку што би требало да биде објект со нејзината големина.

Ова им оставило на истражувачите две опции: или ЛХС 1140 б бил мини-Нептун направен главно од вртлив гас или тоа била Мега-Земја покриена со течна или замрзната вода.

За да утврдат што бил случајот, истражувачите комбинирале податоци од ЈВСТ и други вселенски телескопи како Хабл и Спицер за да ја направат првата „спектроскопска“ анализа на ЛХС 1140 б.

Бидејќи одредени молекули блокираат различни бранови должини на светлината, со мерење на фреквенциите на светлината што минува покрај планетата можеме да дознаеме кои хемикалии може да бидат присутни.

Нивната анализа сугерира дека поверојатно е ЛХС 1140 б да биде „воден свет“ или „снежна топка“ со карпесто јадро, наместо гасовит мини-Нептун.

Уште повозбудливо, првичната анализа сугерира дека егзопланетата би можела да има густа атмосфера како онаа на Земјата.

Тоа би му дало многу поголема способност да ја задржи топлината и ќе ја зголеми веројатноста дека би можело да има стабилна клима – што се важни фактори за постоење на живот.

Д-р Рајан Мекдоналд, астроном од Универзитетот во Мичиген, кој работел на истражувањето, вели: „Ова е првпат да видиме навестување на атмосфера на населива зона, односно зона на живеење на карпеста или богата со мраз егзопланета“.

Иако предупредуваат дека се потребни повеќе набљудувања од ЈВСТ, атмосферата би можела да биде богата со азот, кој сочинува 78 отсто од атмосферата на Земјата.

Д-р Мекдоналд додава: „ЛХС 1140 б е една од најдобрите мали егзопланети во зоната погодна за живеење што може да поддржи густа атмосфера и можеби едноставно најдовме докази за воздухот на овој свет“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот