Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја врати публиката во киносалите

Во првите десет дена од прикажувањето на филмот „Кајмак“, снимен по сценарио и во режија на Милчо Манчевски, евидентирани се 13 илјади гледачи низ цела Македонија, известија од „Банана филм“.

По гала-премиерата во големата сала на Филхармонија на 16 ноември во Скопје, каде што филмот беше пречекан со неколкуминутни стоечки овации, „Кајмак“ почна истовремено да се прикажува низ целата држава, и тоа во Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп, Штип, Битола, Пехчево, Гевгелија и Скопје. И покрај сите напори на продуцентите и на дистрибутерите, „Кајмак“ не се прикажува во Велес, па велешани одат во Скопје, Штип и Свети Николе да го видат филмот.

– Сакаме секој да има можност да го види филмот во кино. Не е исто дали го гледате на мал или на голем екран, сам или во друштво. Покрај тоа, не е само Скопје Македонија – изјавил режисерот Манчевски.

Филмот „Кајмак“ наскоро почнува да се прикажува и во странство. Во преговори се повеќе земји, а засега се потврдени Грција, Данска, Хрватска, Кипар, Србија, Тајван и САД, посочуваат од „Банана филм“.

Македонскиот одглас за филмот беше голем, меѓу другите, писателката и критичарка Оливера Ќорвезироска напиша: „’Кајмак‘ се два триаголника совршено вглавени во квадратот на нашето заробено постоење во заробениот град, во заробената земја. Чудесна геометрија на мајчинството, сексот и безнадежноста за подобро“.

Професорката и актерка Синоличка Трпкова, смета дека „Манчевски на топол и љубовен начин ја размрда македонската транзициска малограѓанштина, лошотилакот и лицемерието. Љубовта нема правила, и во ’Кајмак‘ тоа вистински звучи, изгледа и се чувствува“.

Филмскиот критичар Тони Цифровски во својот осврт за филмот напиша: „Дистанцираното набљудување на нечии животи одеднаш ве втурнува во вртлог од емоции и пресврти, а зачудувачка е леснотијата со која отфрлајќи ја наметката на пуританството можеме да се поистоветиме со секој еден машки или женски лик од оваа потрага по љубов“.

„Со ’Кајмак‘, Манчевски се потврдува како еден од ретките современи уметници во светот, кој страсно ја истражува човековата состојба, ја набљудува со огромен искрен интерес, без судење и фолирање, и ја обликува во парче уметност што трансцендира чиста, невоздржана емоција која допира длабоко“, напиша Марина Костова.

Филмот „Кајмак“ е љубовна приказна за возрасни, црна комедија за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 157, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот