Фестивалот на критичка култура „Крик“ се одржува во МСУ

Шестото издание на „Крик“ – фестивал за критичка култура навлегува во втората пандемиска година. Фестивалот од 31 август до 29 септември се одвива со тематски наслов „Јазол – привремено постоење, анксиозност и загубена иднина“ во Музејот на современата уметност во Скопје.

Токму она што го живееме низ овие две години, како никогаш претходно го засили аргументот за потребата од јасна, бистра критичка аргументација кон целокупните социо-културни динамики во кои се обидуваме да ги дефинираме концептите за заедницата, која исчезнува и се претвора во сенка.

– Во текот на септември, но и понатаму, со својата програма фестивалот ќе се обиде да рефлектира на повеќе теми кои нѐ засегаат и едновремено нѐ ставаат во јазолот на политичкиот и културниот контекст. Соживотот и взаемната помош се откажани под режимот на рестрикции, затворања и изолација. Првото е притисок кон индивидуалното планирање за опстанок, второто е системска репресија на колективните практики. Ова е време кога перформативноста и вештините се сведени на гол живот. Политиката тргна по патот на силата и репресијата, а науката ретко се прашува во толку масивни глобални размери. Уметниците и поетите се вкочанети, додека филозофите брзо изгореа во нивните толкувања и предвидувања кои, всушност, имаа за цел само да ги потврдат сопствените претходни теориски текови. Во ваквата состојба на постоење, дозволено е да се размислува вон умот, ирационално. Годинашниот фестивал е посветен на сѐ она што е можно во нашите утопии, во нашите посакувани светови – велат организаторите на „Крик 6“.

Во фестивалскиот тим се Искра Гешоска, Артан Садику, Петар Милат, Јана Коцевска, Тијана Ана, Станимир Панајотов, Наташа Гелева, Бранимир Јовановиќ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 95, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот