Фестивалот на европски филм „Синедејс“ ќе ги разладува скопјани

Јубилејното 20-то издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ ќе се одржи на средината на жешкиот јули, а богатата филмска програма ќе биде покана за скопјани да присуствуваат на проекции „покрај вода“.

Фестивалот „Синедејс“ во своето 20-годишно егзистирање на скопската почва веќе стекна огромна доверба кај публиката, независно во кој период на годината се одржува. Поради пандемијата на коронавирусот минатата година фестивалот излезе од својот ноемвриски термин и се пресели во септември.

Годинава организаторот МКЦ донесе одлука „Синедејс“ да се одржи од 15 до 21 јули, среде жешкото скопско лето. Оттаму и мотото на фестивалот е „Филм Фактор 20“. Секако, може да се најдат повеќе значења на мотото, но во прв план излегува одбележувањето на 20-годишниот јубилеј, што како предизвик се појави пред вредната екипа од МКЦ.

Мото на јубилејниот „Синедејс“ е „Филм Фактор 20“

Координаторката на фестивалот, Маргарита Арсова, потврдува дека е предизвик да се работи во вонредни, пандемски услови, но понесени од минатогодишното искуство одлучиле да ја пресликаат идејата за летен фестивал и сите активности да ги изнесат надвор, на отворено.

– Јубилејот годинава е повторно во сенката на светските здравствени случувања, иако се бориме да го насочиме фокусот во друг правец. Имаме програма која е директно донесена од Канскиот фестивал, свежи наслови и имиња, богата музичка програма, резиденцијални проекти со студенти од регионот и државата, сѐ на сѐ, јубилеј кој заслужува внимание. Верувам дека ќе останеме доследни на она што со години го градиме – добра програма, добра атмосфера, насмеани гости – открива Маргарита Арсова за „Културен печат“.

Маргарита Арсова, координаторка на фестивалот на европски филм „Синедејс“

Минатата година фестивалот успеа да се распостели низ цело Скопје. И годинава планираат да го анимираат целиот град, но овој пат со малку поинаква приказна.

– На еден од состаноците за фестивалот, помисливме што е она што не двои годинава од нормалното функционирање и што ни фали, па некако се наметна дека одговорот е – море. Така што, наместо да одиме на море, одлучивме публиката да ја однесеме „покрај вода“ и проекциите и програмските активности ги сместивме на места во градот кои или се блиску до вода или се на воздух, во ладовина. Така што, имаме проекции во должина на течението на реката Вардар на повеќе локации, имаме проекции до езерцето во Градскиот парк, проекции на врвот на Водно, филмска програма на скопското Кале. Фестивалот е со слоган „Филм Фактор 20“, така што ќе се чуваме од лошиот УВ-фактор и ќе уживаме во вечерните проекции под отворено небо. Планот е тој, да понудиме летен филмски фестивал во врело Скопје – објасни Арсова.

Загревањето за фестивалот беше со проекции под отворено небо во рамките на „Европско патувачко кино“, кое се одржа во Крива Паланка, Струмица и во Струга. Таму гости беа локалните жители, додека за фестивалот во Скопје планираат доаѓање на повеќе филмски гости, од регионот и малку пошироко.

– Дел од гостите и физички ќе бидат присутни на фестивалот, додека дел од нив ќе се приклучат онлајн со свои предавања, мастеркласови и средби со публиката. Направивме сѐ да обезбедиме физичко присуство, сепак, сѐ уште постои страв од патувања, особено на лица кои сѐ уште не успеале да се вакцинираат. Но затоа, имаме доста големо искуство од минатата година со функционирање преку стриминзи и онлајн-програми, така што ќе направиме сѐ да не се почувствува таа физичка дистанца меѓу гостите и публиката – прецизира Арсова.

Покрај Официјалната селекција, ЈИЕ и Гала програмите, неколку селекции на кратки филмови, мастеркласовите и работилниците, „Синедејс“ ја задржува и музичката програма. На отворањето на фестивалот во живо ќе настапи електронскиот состав „Bella Technika“, бенд којшто е составен од два члена на веќе непостоечкиот „Дарквуд даб“, следната вечер е планирана за новата сензација на домашната сцена, Дина Јашари, на 17 јули доаѓа загрепскиот поп-феномен „Свемирко“, додека за затворањето е предвиден настап на швајцарските инструментални магови „L’éclair“, за прв пат во Скопје.

Филмското отворање на фестивалот ќе се случи на 15 јули со филмот „Анет“ на режисерот Леос Каракс

Филмското отворање на фестивалот „Синедејс“ ќе се случи на 15 јули со филмот „Анет“ на режисерот Леос Каракс, кој во Скопје ќе биде прикажан само десет дена по неговата светска премиера на Канскиот фестивал.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 88, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-11 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот