Фестивалот „Акто“ во октомври ќе прикаже документарен филм и ќе постави изложба за Скопје

Програмата на фестивалот „Акто18“ за октомври, со наслов „Попаметен град 3.0 – Феникс или Апокалипса?“ предвидува едукација, изложба, проекција на филм и разговори, сето тоа испреплетено низ архитектурата, уметноста, филмот, театарот, а инспирирани од грижата кон другиот и просторите помеѓу.

Во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет на 13 октомври (петок), во 19 часот, ќе биде прикажан документарниот филм „Витиќ танцува“ на концептуалниот интермедијален уметник Борис Бакал и уметничката организација „Фрлачи на сенки“, посветен на дваесетгодишната борба на станарите за обновување на Витиќевиот облакодер во Загреб, инаку ремек-дело на модернистичката архитектура, која на тој начин станува метафора на целото општество.

Филмот преку архивски снимки и сведоштва на поранешни и сегашни жители на Витиќевиот облакодер, архитекти, активисти и други инволвирани се обидува да воспостави свест за инфраструктурата во служба на заедницата. Тоа е зграда во која се рефлектираат сите клучни општествени моменти и несогласувања.

Вреден и долго запоставен споменик на културата, Витиќевиот облакодер истовремено е и показател за систематска негрижа кон социјалистичкото наследство, но и за парадоксот на поранешниот систем. Нормализацијата на клиентелизмот и корупцијата, недоволниот капацитет за домување во Загреб, систематското запоставување на јавните простори и отсуството на урбанистичко планирање се теми што се рефлектираат во филмот.

На 21 октомври (сабота), во 12 часот, во Киното на Железничка станица, ќе биде отворена изложбата „Попаметен град 3.0 – Феникс или апокалипса?“ Користејќи го Скопје како референтна точка, изложбата прикажува фотоколажи од градот – каков е денес и каков бил пред земјотресот, архивски филмови за периодот по земјотресот и многубројни монографии и книги за скопската „апокалипса“, како и неговиот подем како „феникс“.

Партнери на „Акто18“ се Институт за театар од Чешка / Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ), ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, „Изолатциа“ – Киев, Украина, „Shadow Casters“ (Загреб), Архитектонски факултет – УКИМ Скопје.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, „Trust for Mutual Understanding New York“, Фондацијата „Хајнрих Бол“, Институтот „Гете“, Европската Унија – проект „Острови на сродство“, проектот „Активен ГРА(Д)/ѓани“ и проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди, туку делови од соѕвездија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот