Фестивалот „Акто“ претстави дела од македонски автори во софиската галерија „Структура“

Македонски уметници беа присутни на отворањето на изложбата во Галерија „Структура“ во Софија

Групна изложба со 18 дела од 20 македонски уметници е поставена во софиската галерија „Структура“ во рамките на 18. Фестивал за современи уметности „Акто“.

Продуцирана од „Факултет за работи што не се научат – ФРУ“ во партнерство со Галерија „Структура“, а во рамките на 18. Фестивал за современи уметности „Акто“ и 20 години награда „Денес“, од 16 јуни до 29 јули во Софија, Бугарија, е поставена групната изложба „Прекаријатот има шанса – Јавни простори во движење (кон)“.

Изложбата опфаќа различни уметнички потфати што повторно ја бараат и редефинираат јавната сфера и јавниот простор преку креирање тактики за нејзино освојување и пристап за прекаризираните и замолчените. Тоа се случува или преку директна и индиректна процесна релационалност со идеја за повторно присвојување и враќање на јавниот простор на неговите „сопственици“ или преку легитимирање на симболичен јавен простор, каде што може да се замислат и обликуваат други потенцијали. Сите тие замислуваат ослободен простор, дури и привремено, за оспорување на постојните наративи преку соработка во засилувањето на гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, незапаметените, испуштените, маргинализираните во рамките на постојната хегемонија.

Куратор на изложбата е Ивана Васева, а претставени се дела од уметниците Елена Чемерска, Искра Димитрова, Христина Иваноска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Верица Ковачевска, Шќипе Мехмети, Оливер Мусовиќ, Наташа Неделкова, Доротеј Нешовски, ОПА (Опсесивна-посесивна агресија), Александра Петрушевска Ристовска, Нада Прља, Дита Старова Ќерими, Никола Узуновски, Велимир Жерновски, Драгана Заревска и Ѓорѓи Десподов.

– Одлучивме 18-тото издание на фестивалот „Акто“ да го стартуваме не од Битола, каде што тоа го правевме 15 години, или од Скопје, како што беше карактеристично изминативе две години, туку од Софија и да претставиме македонски уметници пред софиската сцена. Соработката помеѓу овие два контексти била поинтензивна во 90-тите години, но, за жал, постои временски период кога овие контакти не се толку често практикувани. Иако има поединечни појави, сепак оваа изложба на едно место претставува дел од активната сцена во земјава преку темата на исчезнувањето на јавниот простор, а со тоа и јавниот говор како и уметничките поединечни рецентни заложби преку кои се обидуваат повторно да го освојат и заедно да создадат пристап за прекаризираните и замолчените. Би сакала навистина да ѝ се заблагодарам на Марија Василева, директорка на галеријата „Структура“, за оваа покана – изјави Ивана Васева, кураторка на изложбата и кокураторка на 18. „Акто“.

Ивана Васева и Марија Василева

Во рамки на 18-тото издание на „Акто“ следуваат повеќе настани во текот на годината, кои ќе се случуваат на различни локации. Односно од 2021 година, неколкудневниот фестивал се трансформира во неколкумесечна фестивалска платформа со специфична истражувачка тематика.

Идејата на „Акто“ е да прерасне од активна сцена на презентација во фестивалска платформа за продукција и едукација во областа на современата уметност преку уметнички истражувачки практики.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 184, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот