Фестивал на џез, ворлд и современа музика се одржува во Велес

Постер со програма за фестивалот

Со програма распоредена во пет вечери во периодот од први до 13 септември во Велес се одржува второто издание на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика. Организатор на фестивалот е „Арт генератор“, а основан и финансиран е од Општина Велес.

По минатогодишното успешно деби-издание, веќе второто издание на фестивалот станува интернационално со гости од Хрватска, Грција, Германија и Австралија, а се разбира, ќе настапат и групи и музичари од Македонија.

Фестивалот почнува на 1 септември со џез вечер на која ќе настапат гостите од Хрватска, „Reel Problems“, на големата сцена во Театар „Ј.Х.К-Џинот“ – Велес, а потоа ќе следува винил диџеј-сет на Бојан Чакра на театарскиот паркинг, пропратен со видеомапинг на Борче Конзулов.

Втората вечер (2.9.2023 год.) е посветена на современата музика, а ќе настапат „КЕМ“ и „Пијан Славеј“ на големата сцена во Театар „Ј.Х.К-Џинот“, со почеток во 20 часот, а по завршувањето на концертите, на паркингот на театарот диџеј-сет ќе има Андреја Салпе, кој, исто така, ќе биде пропратен со видеомапинг на Борче Конзулов.

Третата вечер (3.9.2023 год.) е посветена на 80-годишнината од смртта на великанот на Велес, Коста Солев Рацин. Ќе има концерт на Dine Doneff: „Dine Doneff Nered music Trilogie“ од Грција во три етапи. Првиот дел ќе се одржи во Спомен-костурницата во Велес, со почеток 18 часот. Следните две етапи се на големата сцена во Театар „Ј.Х.К-Џинот“, со почеток во 20 часот. По завршувањето на концертот, на паркингот на театарот ќе настапат „Аспирин мун“, музичко дуо со слем поезија, кои ќе бидат пропратени со визуелен перформанс на театарот „Сенки и Облаци“.

Четвртата вечер (6.9.2023 год.) е резервирана за отворање на изложба на Фотини Потамиа и концерт на Бојан Петков – Шамба во „Јуроп хаус Велес“. Фестивалот ќе заврши на 13 септември, кога ќе биде затворена изложбата со концерт на Dine Doneff и Јордан Костов во „Јуроп хаус Велес“. За целокупниот графички дизајн на фестивалот и оваа година се погрижи уметникот Филип Коруновски.

– Со организирањето на овој фестивал имаме за цел да придонесеме за децентрализација и деметрополизација на културата и уметноста, како и да создадеме можност за пласман на квалитетни содржини и затоа сметаме дека овој фестивал е од исклучителна важност за Велес – потенцираат од „Арт генератор“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот