ЕУ усвои нови правила за задолжувањето

Европска комисија, Брисел / Фото: Слободен печат

Државното задолжување на земјите во ЕУ треба да се намали, но патот до таму да стане поедноставен. Крутите правила омекнуваат, инвестиции се наградуваат. Тоа е договорот на министрите за финансии на членките на ЕУ.

По една година интензивни и тешки преговори, на министрите за финансии од земјите членки на ЕУ на видео конференција во пресрет на празниците им успеа пробивот во кој многумина веќе не веруваа. „Тоа се многу добри вести за Европа“, се израдува шпанскиот претседавач со собирот, Надја Калвињо на прес-конференција во Мадрид.

„Ова е круната на шпанското претседателство со ЕУ. Одлуката беше донесена едногласно. Новите правила ќе бидат појасни и полесно применливи“, вети таа.

Договорот стана возможен откако германскиот министер Кристијан Линднер и неговиот колега Бруно Ле Мер во вторникот на вечера во Париз постигнаа согласност. Линднер, кој во принцип се залага за балансирани буџети, беше застапник на поштедливите земји од северот, додека Ле Мер се бореше за интересите на јужните држави кои сакаа лабави правила за задолжување. Сега е постигнат баланс меѓу двете групи, посочува Калвињо.

Флексибилни и едноставни?

Горната граница за вкупното задолжување е 60 проценти од економската моќ на земјата. И границата за ново задолжување на годишно ниво е три проценти. Брзината за отплаќање на долговите беше скроена според желбите на многу задолжените држави како Грција, Италија и Франција.

Половината од државите во ЕУ делумно се и значително над границата од 60 проценти. Германија, која е речиси над границата, наметна цврсти насоки за отплаќање на долговите и за новите задолжувања, кои не може индивидуално да се преговараат со ЕК. Во иднина државните трошоци за одбрана или климатска заштита кои се финансираат од задолжувања, нема да бидат засметувани во вкупното задолжување. „Инвестициите мора да бидат заштитени, не смее самите себе да се удавиме“, повеќе пати апелираше францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мер. Едно „златно правило“, кое од вкупното задолжување ќе ги изземе сите инвестиции како што на почеток бараше Италија, нема да постои.

Да се одржи довербата во пазарите

Договорот треба на финансиските пазари да им сигнализира дека може да имаат доверба во ЕУ општо, како и во одговорните за буџетската политика и во еврото како заедничка валута, оцени Калвињо.

Државите членки за задолжување зависат од приватните финансиски пазари, каде трошоците за рефинансирање се пораснати заради зголемените каматни стапки. Таквите дополнителни трошоци кои може многу да ги оптоварат буџетите на членките, треба да се неутрализираат со временски ограничени исклучоци во правилата. На задолжените држави ќе им биде даден простор од четири до седум години за да го намалат нивото на задолжување. Линднер новиот пакет правила го пофали како засилување на Пактот за стабилност.

„Тие поврзуваат јасни бројки за пониски дефицити и намалена квота на долгови со поттик за инвестиции и структурни реформи“, пиша Линднер на платформата X.

Старите правила не можеа да се спроведат

Старите правила од Пактот за стабилност и раст на ЕУ, кои беа сметани за премногу строги, не важат уште од пред четири години, од почетокот на корона пандемијата. За да може да финансираат мерки против корона кризата и економскиот пад, многу држави се задолжија и таквото ниво на задолжување сега треба да почнат да го намалуваат. Повеќето од државите во ЕУ не сакаа да се вратат на старите правила, особено што тие во минатото често беа прекршувани, без да може ЕК да ги наметне и наплати нужните казни за тоа. И во новите правила се предвидени казни, но еврокомесарот за финансии, Валдис Домбровски се надева дека никогаш нема да мора да ги искористи затоа што сега, како што смета тој, се многу пореалистични насоките.

Министрите за финансии беа едногласни во однос на новите фискални правила, дури и Унгарија не се противеше. Тие сега треба да ги поминат процедурите во Европскиот парламент и би требало во април да стапат на сила во форма на закон. Тогаш буџетите на земјите членки за 2025 година ќе може да се составуваат според олеснетите правила.

Извор: Дојче Веле/ Автор: Бернд Ригерт

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот