Ема Никочевиќ – прв македонски женски судија со знакот на ФИБА

фото: kfsm.mk

На семинарот во Загреб, реализиран во текот на минатиот месец, македонската кошарка стана побогата за уште двајца судии со беџот на Светската кошаркарска федерација (ФИБА).

Она што го „градеа“ во текот на изминатите три години, Андреј Златевски и Ема Никочевиќ го претворија во она што е сон на многу млади луѓе кои се определиле судењето да им биде една од главните преокупации во животниот век.

Она што обично се нарекува и „момент за историја“, е и фактот дека во Ема Никочевиќ, Македонија го доби својот прв женски арбитар од највисокиот ранг – ФИБА.

– Почнав да судам уште во 2016 година, и тоа натпревари во училишните лиги, но и т.н. „мали лиги“ во Шведска. Во оној сениорски ранг на натпреварување влегов во втората половина од натпреварувачката сезона 2018/2019. А веќе во наредната, почнав да судам натпревари кои се на она највисоко ниво. Минатата сезона имав приближно 25 натпревари кои се дел од втората и третата лига-мажи, но и дваесетина натпревари од женската прва лига, вклучувајќи го и женскиот Суперкуп, потоа мечевите од полуфиналето во женскиот сениорски сегмент – вели Никочевиќ.

Оваа млада 29 годишна, некогашка кошаркарка, сега исто така во сферата на спортот, покрај определбата да биде професионален физиотерапевт, стигна до една голема, огромна шанса, да ѝ се придружи на највисоката судиска фела, во Европа, во светот.

– Мојата цел е да стекнам меѓународно судиско искуство. Да судам и да учам од најдобрите ФИБА судии, пред се, за да можам да станам подобар судија. Со нетрпение очекувам да запознаам нови луѓе, да ги проширам моите хоризонти и стекнување кошаркарски пријатели од целиот свет. Исто така, сакам да поттикнам повеќе женски колеги во обидите да станат судии и комесари на ФИБА во мојата земја – се зборовите на Никочевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот