Експерти на ОН конечно ќе можат да влезат во Нагорно-Карабах
Азербејџан има намера да дозволи група експерти на Обединетите нации (ОН) да го посетат регионот Нагорно-Карабах „во рок од неколку дена“, објавија денеска од кабинетот на претседателскиот советник, објави Радио слободна Европа.
Медиумите ќе имаат можност да го посетат и Карабах, според наведеното во соопштението, додека бројот на етничките Ерменци кои го напуштиле регионот по молскавична воена офанзива на Азербејџан достигна речиси 90.000, од околу вкупно 120.000 жители.
САД, но и други држави го повикаа Баку да дозволи меѓународни набљудувачи да влезат во Нагорно-Карабах, поради загриженоста за можни прекршувања на човековите права. Ерменија го обвини Азербејџан за етничко чистење во Карабах, но Баку тоа и натаму го негира.
Азербејџанскиот претседателм, Илхам Алиев, изјави дека правата на Ерменците во Карабах ќе бидат целосно почитувани, но дека неговата „железна тупаница“ ја става во историјата идејата за независен етнички ерменски Карабах.
Алиев му рекол на американскиот државен секретар Антони Блинкен во телефонски разговор во вторникот дека неговите сили целеле само кон „воените објекти за време на антитерористичките мерки, кои траеле помалку од 24 часа, а немало повредени цивили“, се вели во соопштението на канцеларијата на азербејџанскиот претседател.
Во исто време, егзодусот на етничките Ерменци од Нагорно-Карабах во Ерменија продолжува, десет дена по молскавично брзата азербејџанска воена офанзива која му даде целосна контрола на Баку врз отцепениот регион.