ЕКСКЛУЗИВНО Чулев за „Слободен печат“: Ќе доцнат пасошите со „Северна Македонија“, не се знае како треба да изгледаат

Фото: МИА

Драмата со недостигот на пасошите во Министерството за внатрешни работи, нема да заврши на 24 март, за кога се очекува компанијата „Веридос“ која 40 проценти е во сопственост на германската држава да ѝ испорача на Македонија 100.000 обрасци за пасош.

Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, во изјава за „Слободен печат“ тврди дека проблем има и со пасошите и останатите лични документи како возачки дозволи и лични карти, кои граѓаните допрва ќе треба да ги вадат, а кои ќе го содржат новото уставно име „Република Северна Македонија“.

Тој тврди дека моментално, машините во МВР не се оспособени да печатат пасоши со „Северна Македонија“ на нив, зашто има хардвер за таа намена, ама нема софтвер. Освен тоа што нема софтвер, не се стигнати ниту обрасци за пасош со „Северна Македонија“ на нив, зашто на германскиот „Веридос“ не му било кажано со какви технички спецификации да ги изработи документите, односно „Веридос“ не знае како треба да изгледаат обрасците што треба да ѝ ги испорача на Македонија.

– Работата е во тоа што има аномалија во нарачката склучена за пасоши со новото уставно име „Република Северна Македонија“. Кога се правела нарачката, во делот каде што треба да бидат внесени техничките спецификации за изработка на личните документи е оставен празен простор. А нарачката е направена и платена. Платено е и за личните карти, и за возачките дозволи, и за пасошите со новото уставно име. Не требало да направат порачка без претходно да ги дефинираат техничките спецификации. А тоа е, каде да го пишува името на пасошот, на кој јазик да го пишува презимето, дали да има националност, државјанство, каде да стои бројот. Со едноставни зборови, како да изгледа документот – ни изјави Чулев.

Тој додаде дека германскиот економски оператор „Веридос“ не може да ги изработи обрасците за личните документи без да има точен опис како тие треба да изгледаат. Германците од „Веридос“ дошле во МВР пред две недели, за да допрва да го утврдуваат изгледот на обрасците за личните документи со „Северна Македонија“. Имало напредок, ама уште не е финално утврдено како треба да изгледаат документите со уставното име.

– Јас не верувам дека во септември ќе стигнат и ви ги пренесувам работите како што ми ги пренесе управувачкиот комитет. Ќе има задоцнување, можеби ќе стигнат во октомври, можеби во ноември. „Веридос“ вели, дека од денот на нарачката, им требаат 6 месеци за да ги испорачаат документите. Такашто, најискрено мислам дека во септември нема да се стигне, ќе има мало пролонгирање – ни рече Чулев.

Според информацијата што техничкиот министер ја добил од правните експерти, графичките дизајнери и луѓето што работат во јавни набавки – постоеле дилеми во однос на примената на Законот за јазици.

Запрашан за пасошката криза која моментално ги вознемирува македонските граѓани, Чулев ни рече дека се прават големи напори тие да стигнат и десетина дена порано, но за тоа не може да се гарантира.

– Премиерот Оливер Спасовски ми кажа дека разговарал со лидершипот на Германија и добил ветување дека ќе се испорачаат 10 дена порано од 24 март. Ама не можам да знам со сигурност, прашајте го него – рече Чулев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот