Ѕидови ѕидосани, а секаде дупки и проѕирки

Палестинец се протнува низ дупка пробиена во ѕидот меѓу Бид Набала и патот до Ерусалим - Фотографија ЕПА, Тали Маер

Трендот што почна по нападите врз САД на 11 септември 2001 година се прошири низ Европа поради големиот мигрантски бран, а сега се префрла на истокот на континентот, како „мерка на претпазливост“ по руската воена инвазија врз Украина

Во време кога Европа ги брише границите и ја проширува Шенгенската зона, кога уривањето на Берлинскиот ѕид е симбол за слободата и заѕидувањето на американската граница со Мексико се смета за најлудата од сите луди идеи на Доланд Трамп, низ светот има повеќе меѓугранични ѕидови од кога било порано, а нивниот број и должината постојано се зголемуваат.

Ваквиот тренд пред неколку години беше поттикнат од големиот мигрантски бран врз Европа, а сега се префрла на истокот на континентот, како „мерка на претпазливост“ по руската воена инвазија врз Украина.

Полска неодамна објави дека ќе крене висока ограда на границата со руската балтичка енклава Калининград, а и Финска, која очекува да биде примена во НАТО, деновиве најави дека ќе гради ѕид на директната граница со Русија. Претставници на гранината служба на Финска објавија дека на пролет ќе почнат градежните работи на ограда во должина од 3 километри близу источниот пограничен град Иматра. Но, тоа е само прва делница од планираниот ѕид кон Русија што би се протегал речиси 200 километри. Властите во Хелсинки предложија од државниот буџет да бидат издвоени 143 милиони долари за заѕидување на 10 до 20 отсто од најдолгата копнена граница што било која европска земја ја има со Русија.

И без ѕидот, финско-руската граница во вкупна должина од 1.340 километри е една од најчувствителните во Европа, бидејќи се очекува многу скоро, по очекуваниот прием на Финска во Алијансата, таа да биде најдолгата линија на раздвојување помеѓу Русија и некоја членка на НАТО. Ако се изземе енклавата Калининград, на брегот на Балтичко Море помеѓу Полска и Литванија, Русија се граничи со две членки на НАТО – со Естонија (325 километри) и со Норвешка (196 километри).

Геополитички промени

Финските функционери претпазливо се воздржуваат да го поврзат проектот со војната во Украина и со пристапувањето кон НАТО.

– Кога ќе биде завршена, оградата на источната граница ќе го олесни надгледувањето на границата и ќе има важна улога во управувањето со ситуациите и со оперативната ефикасност. Со олеснето препознавање, блокирање, забавување и следење на движењата на лица на границата, оградата ќе им даде на пограничните патроли повеќе време за да реагираат и да управуваат со нарушувања. Патот што ќе биде изграден покрај оградата ќе ни овозможи побрзо реагирање во реонот – изјави полковникот Веса Бломквист, командир за југоисточниот реон на Граничната служба.

Оградата ќе биде висока три метри, а на критичните точки ќе бидат поставени рефлектори и звучници. Анализата на ефикасност на првата делница од три километри ќе послужи за проширувањето на оградата на други сегменти од границата со Русија.

Иако Хелсинки официјално тоа не го признава, ѕидот на границата и приемот на Финска во НАТО значително ќе ја променат геополитичката ситуација и јасно се насочени за одвратување на Русија од копнена инвазија врз Финска, по примерот на нападот врз Украина.

Полска бариера против мигранти

Полска, пак, најави план за „запечатување“ на својата гранична линија со руската енклава Калининград. Декларираната цел на Варшава не беше да се спречи воена инвазија, туку евентуален бран од мигранти од Азија и од Африка, кој Русија би го канализирале кон Европа преку својата енклава, во која од неодамна е дозволено слетување авиони од Блискиот Исток и Северна Африка. Изградбата на ѕидот висок 8 метри почна во февруари и министерот за одбрана Мариуш Блашчак најави дека проектот ќе биде комплетиран до крајот на 2023 година.

– Во октомври немаше илегални преминувања од Калининград. Полско-руската граница е стабилна и мирна. Но, спремни сме за разни кризни ситуации. По она што се случи на границата со Белорусија, спремни сме на сѐ, за сите најцрни сценарија – изјави претставничката на Граничната служба Ана Михалска.

Таа алудираше на бранот мигранти што тргнаа кон Полска од Белорусија во јули 2021 година, кога белорускиот претседател Александар Лукашенко се закани дека „ќе ја поплави Европа со трговци со луѓе, шверцери на дрога и вооружени мигранти“.

Белорусија тогаш ги отвори своите аеродроми за авиони од Блискиот Исток, па бројот на илегални премини на границата ненадејно се зголеми од 81 во целата 2020 година на 2,600 во јули 2021 година и на 4.112 во август. Полската погранични сили користеа солзавец за да ги смират протестите на неколку илјади мигранти во кампот Пабраде. На мигрантите во август им се придружија и агенти на белоруските служби, кои стрелале во воздух и ги притискале мигрантите кон Полска. При низата инциденти загина најмалку 21 мигрант.

Историски рекорд

Блокирањето мигранти е наведено како главна причина за изградба на 32 отсто од сите ѕидови и огради на границите меѓу две земји. Заради спречување шверц се кренати 24 отсто од бариерите, како антитерористичка мерка 23 отсто, а 21 отсто се за зајакнување на безбедноста по конфликт.

Ѕидови има на сите континенти. Тексас гради челична ограда висока 10 метри на делови од границата кон Мексико, Израел заврши „подземен челичен ѕид“ кон палестинскиот појас Газа за да спречи пробивање шверцери и терористи преку тунели, Турција го зајакна камениот ѕид на границата со Иран, а Грција, пак, се огради од Грција со челична ограда во должина од 40 километри и побара средства од Европската Унија за проширување на бариерата.

На границите низ светот денес има вкупно 74 ѕидови или огради, а во план за изградба се уште 15. Изградбата на повеќето од актуелните бариери почнала во овој век, кога веќе беше урнат Берлинскиот ѕид. За споредба, по крајот на Втората светска војна имало само 5 (пет!) ѕидови на граници, а ни во времето од Студената војна, кога Берлинскиот ѕид беше симбол за блоковата поделеност, немало повеќе од десет. Денес ги има речиси десет пати повеќе.

Кревањето ѕидови нагло и експоненцијално е забрзано десетина години по крајот на Студената војна, кога исчезнала илузијата дека уривањето на Железната завеса и глобализацијата ќе донесат благосостојба и ќе овозможат слободно движење на луѓе, стоки и идеи. Европската Унија направи чекор напред со Шенгенската зона во кои границите практично не постојат, но неочекуван и силен удар беа нападите врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2021 година, кои поттикнаа уште низа терористички напади, и глобалниот антитерористички поход што следуваше како реакција. Вашингтон им дозволи на пограничните служби да оперираат на длабочина од 100 милји од границите – зона во која живее две третини од вкупната популација на САД.

Дупки и заобиколници

Друг важен удар беше мигрантскиот бран кон Европа во 2015 година, кога преку Балканот до Западна Европа пристигнаа повеќе од 1 милион азиланти од Африка и од Азија. Единството на Европа тогаш попушти и некои земји, на чело со Унгарија, почнаа итно да ги заѕидуваат своите граници. За седум години низ Европа беа изградени повеќе од 1.300 километри ѕидови.

Најдолгиот ѕид, сепак, е во Азија – на границата помеѓу Индија и Бангладеш – чија должина од 3.268 километри може да се споредува со Великиот кинески ѕид, кој денес ја нема функцијата поради која е изграден. На границата помеѓу Пакистан и Авганистан е кренат ѕид во должина од 2.670 километри, а пограничниот ѕид од 2.000 километри не ги запре руските сили да извршат воена инвазија врз Украина.

Вкупно 1.624 километри ѕид се испречува помеѓу Индија и Мјанмар, а 1.416 километри меѓу Кина и Северна Кореја. Ограда или ѕид затвораат 1.000 километри, односно околу една третина од граничната линија помеѓу САД и Мексико. Израел и Западниот брег се разделени со ѕид долг 708 километри. Дури и Северна Македонија има близу 30 километри ограда на границата со Грција.

Друго прашање е дали овие бариери ја остваруваат целта поради која се кренати. Низа истражувања потврдуваат дека шверцерите, мигрантите, терористите и војските лесно се пробиваат преку заѕиданите граници или ги заобиколуваат оградите, користејќи се со наједноставни средства, како скали и клешти за жици, преку софистицирани, како дронови и тунели, па сѐ до најефикасните – фалсификувани документи и корумпирани службеници.

Анализи покажуваат дека потпирањето на лажната безбедност што ја даваат ѕидовите создава уште поголеми проблеми за земјите што ги градат. Таков е случајот со шверцот на луѓе и стока од Мексико во САД и од Западниот брег во Израел – колку повеќе се вложува за обезбедување на границата, толку се зголемува профитот на шверцерите и стапката на криминал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот