Џими Кимел / Фото: EPA/CAROLINE BREHMAN

Џими Кимел со неочекувана желба: „Би сакал Доналд Трамп да ми гостува во емисијата“

Џими Кимел, водителот на вечерното шоу „Џими Кимел лајв“, изјави дека би го поканил американскиот претседател Доналд Трамп во својата емисија и тоа со задоволство, пренесе „Пипл“.

Кимел зборуваше за политиката, контроверзиите и за новата сезона на неговото шоу на настанот „Блумберг скринтајм“, одржан во студиото „НИА“ во Холивуд. Разговорот го водеше новинарот Лукас Шо, а водителот отворено зборуваше за својата суспензија од телевизијата поради коментарот за убиството на активистот Чарли Кирк и за тоа како се справил со јавната осуда од страна на Трамп.

Кимел призна дека со текот на времето станал посвесен за влијанието на политиката врз неговата работа.

„Мислам дека тоа е дел од зрелоста. Почнуваш да сфаќаш кој си и за што сакаш да зборуваш,“ рече тој, додавајќи дека отсекогаш бил заинтересиран за политика, бидејќи неговите родители биле либерали.

„Уште како дете бев демократ. Првата политичка карикатура што ја нацртав беше за Џими Картер и Џон Андерсон. Имав околу 12 години“, се потсети Кимел.

Водителот објасни дека во времето на Трамп политичките вести станале дел од секојдневието.

„Тој е на телевизија цел ден, секој ден, па ни дава многу материјал за обработка. Тоа не беше вообичаено порано — тој едноставно постојано се појавува, и сè станува попристапно за коментирање“, рече Кимел.

Од враќањето на екранот во септември, Кимел не штеди критики кон Трамп и кон други републиканци, меѓу кои и потпретседателот Џеј Ди Венс, кого саркастично го нарече „вице-претседател Мејбелин“. Во една од последните емисии, тој се потсмеа на претседателот заради наводна роденденска честитка што ја напишал на Џефри Епстин.

Трамп возврати преку својата платформа „Трут соушал“, ликувајќи по суспензијата на Кимел со зборовите: „Одлична вест за Америка – емисијата на Џими Кимел е укината! Тој нема талент и има полош рејтинг од Колберт, ако тоа воопшто е можно“.

Дури и за време на официјална посета на Обединетото Кралство, Трамп тврдеше дека Кимел бил отпуштен поради „недостаток на талент“ и „ужасни рејтинзи“.

И покрај острата меѓусебна размена, Кимел рече дека би сакал Трамп да гостува во неговата емисија.

„Би сакал да го имам во студио. Навистина. Ќе го поканам“, рече тој со насмевка.

Исто така, Кимел зборуваше за контроверзната изјава околу Чарли Кирк, за која рече дека била „намерно и злонамерно погрешно протолкувана“. Во првото негово обраќање по враќањето на телевизија, тој нагласи дека никогаш не сакал да „се потсмева со трагедијата“ и дека најважно му било да биде искрен пред публиката.

„Знаев дека нема да биде совршено и дека секогаш ќе има луѓе што нема да го прифатат тоа, но најважно беше да објаснам што навистина сакав да кажам“, додаде тој.

Шоуто на Џими Кимел се враќа на телевизија, Еј-би-си ја укина суспензијата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот