Џафери дел од 450 политички лидери на Минхенска безбедносна конференција

фото: МИА, Интервју на премиерот во техничката Влада Талат Џафери

Премиерот во техничката Влада Талат Џафери го заврши присуството на јубилејната, 60-та Минхенска безбедносна конференција, којашто шест децении претставува платформа за постигнување мир преку дијалог, и е добра можност, за реафирмација на цврстата определба на Северна Македонија кон евроатлантскиот пат и демократските вредности.

Од Владата посочуваат дека Џафери, заедно со уште 450 политички лидери, преку присуството на панелите, неформалните разговори и билатералните средби, ја сподели определбата на Северна Македонија во стратешко партнерство со САД, придонес и членство во НАТО и забрзана интеграција кон ЕУ.

– На конференцијата, беше усогласена определбата кон помирување наместо одмазда и во зајакнување на регионалната соработка – како дел од патот кон целосна интеграција во Европската Унија. Од исклучителна важност е улогата на САД и нивното лидерство во глобалната безбедност. Слободниот демократски свет повторно се соочува со одбраната на демократските вредности, наспроти растечкото диктаторство на авторитарните актери, посочуваат од Владата.

Оттаму, нагласуваат дека на панелите на кои се обратија потпретседателката на САД Камала Харис, канцеларот Олаф Шолц, претседателот на Украина Зеленски и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, потврдена е поддршката за Украина.

– Нагласена е потребата од ангажирана помош кон Украина во обезбедувањето на воена опрема и помош, и зацврстување на позицијата на Украина. Во однос на НАТО, потврдено е дека без разлика на растечките закани, НАТО станува побројно, посилно и поотпорно од кога било досега. Германија инвестира во својата одбрана сè повеќе, и ја нагласува потребата од европските земји да преземаат повеќе за безбедноста и сега и во иднина, со цел да се јакне политиката на одвраќање, велат од Владата.

На билатералните средби со партнерите од Европа и светот, од страна на Џафери беше нагласено дека изборите се одредница за евроатлантските перспективи на Северна Македонија, но и од голема регионална важност.

– Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е политички, безбедносен и економски интерес на регионот и на Унијата, и геостратегиска инвестиција во стабилноста на европскиот континент и пошироко. На средбите со лидерите од регионот и партнерите, потврдена е определбата кон евроатлантски регион, посветен на европски квалитет на живот, отпорен на штетни национализми, дезинформации и потпалувачки наративи – закана за прогресот насекаде, велат од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот