Двотомна публицистичка посвета на Свето Стаменов кон македонскиот стандарден јазик

Стогодишнината од раѓањето на камен-темелникот на современата македонска култура, Блаже Конески, и 95-годишнината од смртта на, според многумина, најзнаменитиот Македонец на 20 век, Крсте Петков Мисирков, беа повод од печат да излезе двотомната книга „Јазикот – нашата единствена комплетна татковина“ (I-II) на Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и еден од најистакнатите и најплодни македонски публицисти.

Оваа двотомна книга е збирка од точно 50 интервјуа посветени на македонскиот стандарден јазик, кои беа реализирани во рамките на авторскиот проект „Quo vadis“ и на редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио – Радио Скопје во периодот од 26 декември 2014 до 20 декември 2020 година и во кои истакнати македонски лингвисти, слависти и македонисти, универзитетски професори, научни и културни дејци – врвни познавачи на македонскиот стандарден јазик говорат за настанувањето, развојот и афирмацијата на македонскиот јазик, за проблемите со кои се соочува, за неговото место и улога во македонското општество, но и за предизвиците со кои тој се соочува, како и за тоа што треба да се направи за неговиот опстанок, развој и иднина.

Во интервјуата посебен акцент е ставен врз односот меѓу јазикот и националниот идентитет, меѓу јазикот и литературата и воопшто културата, меѓу јазикот и политиката, како и врз одбележувањето на значајни годишнини (70 години македонска граматика и македонски правопис, 75 години современ македонски јазик, азбука и правопис, 5 мај – Ден на македонскиот јазик…), како и врз двојазичноста, новото изменето, дополнето и проширено издание на Правописот на македонскиот јазик итн.

Посебно место во интервјуата им е дадено на најзаслужните личности за нашиот јазик Крсте Петков Мисирков, првиот кодификатор на македонскиот современ јазик, и на Блаже Конески, великанот на современата македонска култура и човекот кој е најзаслужен за конечната (официјалната) кодификација на македонскиот современ стандарден јазик, за неговиот развој и за неговата афирмација во светски рамки.

Во книгата „Јазикот – нашата вистинска комплетна татковина“ со свои мислења и ставови за македонскиот јазик настапуваат петнаесетина универзитетски професори, научни работници, македонисти и познати македонски лингвисти и слависти, како што се: проф. д-р Људмил Спасов, проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, академик проф. д-р Витомир Митевски, проф. д-р Снежана Веновска-Антевска, проф. д-р Искра Пановска-Димкова, проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Марија Коробар-Белчева, проф. д-р Снежана Велковска, д-р Татјана Б. Ефтимоска и д-р Славчо Ковилоски, како и Миле Попов, еден од бардовите на македонското радио спикерство, и новинарите Зоран Иванов, Тони Гламчевски и м-р Елизабета Кузмановска.

Инаку, Свето Стаменов, во рамките на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, во минатата 2021 година заедно со проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ беше приредувач на зборниците „Навраќање кон Конески“ и „Уште едно навраќање кон Конески“ во кои беа објавени осумдесетина трудови на македонски и странски автори посветени на ликот и делото на великанот Конески.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 123, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот