Две претстави на независниот театар „Златен Елец“ учествуваат на два фестивала

Претстава „Разнесени“ во режија на Тамара Стојаноска

Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје, на 12 мај (петок), ќе настапи на вториот интернационален фестивал на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ во Неготино со дуодрамата „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, поставена според роман на Лук Дејвис и авторски материјали од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.

Фестивалот е од натпреварувачки карактер, а претставата е селектирана во официјалната конкуренција. Во „Кенди“ играат актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, а музиката е на Лука Тошев. Изведбите на „Кенди“ во Скопје се одржуваат во Младинскиот културен центар.

– „Кенди“ е љубовна приказна, но истовремено е сурово истражување на животот со зависност и приказ на времето во кое живееме. Претстава што говори за младиот човек денес, за борбата со болеста зависност и дискриминацијата што доаѓа со неа, за недостатоците во здравството и за тие што немаат поддршка, за сите млади луѓе што се чувствуваат заглавено во машинеријата на системот – вели режисерката Тамара Стојаноска.

Во „Кенди“ играат актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски

Наредната недела, во среда (17 мај), дипломската претстава „Разнесени“ на режисерката Тамара Стојаноска ќе го отвори интернационалниот студентски фестивал „Фист“ во Белград, Р. Србија. Автор на „Разнесени“ е Сара Кејн, а користена е дел од поезијата на Милена Марковиќ и Силвија Плат.

Претставата е копродукција со универзитетот „Еуропа Прима“ од Скопје. Бобан Алексоски, Ива Петровска и Ане Блажовски се актери во претставата, музиката е на Лука Тошев, а дизајнот на рекламниот материјал и во двете претстави е на Бојана Цилевска.

Претставата „Разнесени“, исто така, посочува на системот кој се бори со една тажна, насилна и бесмислена епоха во која живееме, каде што владее секаква омраза и страв, од расизам до хомофобија, со една надеж за промена во светот и општеството, воопшто – се вели за претставата. Освен фестивалските изведби, театар „Златен Елец“ периодов, редовно ги репризира сите претстави во Скопје и низ државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот