Два концерта ќе се одржат во КИЦ-Скопје по повод Меѓународниот ден на џезот

Фотографија: Постер за концертот

Меѓународниот ден на џезот е прогласен од Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (UNESCO) во 2011 година „за да го истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обедини луѓето од сите страни на светот“. Се слави секоја година на 30 април.

Културно-информативниот центар – Скопје се придружува кон неговото одбележување со два концерта на 27 април, со почеток во 20 часот, во „Салон 19.19“. Ќе настапат дуото Нинослав Спировски и Дени Омерагиќ, како и Георги Шарески Бенд.

Програмата во 20 часот ќе ја отвори дуото Нинослав Спировски и Дени Омерагиќ со „Two ways east“. Станува збор за прва изведба во живо на материјалот од истоимениот албум, издаден од издавачката куќа „Шарла“. Програмата ќе се состои од три композиции за два клавира и електроника.

Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски се музичко партнерство повеќе од една деценија. Најпознати се по нивната соработка во бендовите „Светлост“, „Svetlost + Odron Ritual Orchestra“, „Fighting Windmills“, „B/O/S Trio“, „Avadarxi Quartet“, како и по нивната соработка со истакнати музичари од класичната и алтернативната сцена, како „Sethstat“, Филип Букршлиев, Јордан Костов, Дуња Иванова, Ана Пандевска, „Чиста Околина“, „Amplidyne Effect“ и др.

Како автори на музиката на „Светлост“ тие се едни од предводниците на новиот бран на македонската авангардна џез-сцена. Настапувале на фестивали како „Скопје џез фестивал“, „Прилеп џез викенд“, ОФ-Фест, „Скопско лето“, „Здраво млади“, „МКЦ за Скопје“, „Крај Вардарот џез“, јубилеите 25 години „Канал 103“ и 30 години „Канал 103“ и др. Еден од најзабележителните проекти е реализацијата на македонската премиера на култното дело „In C“ од американскиот композитор Тери Рајли.

Георги Шарески / Фотографија: Маја Аргакијева

Во 21 часот Георги Шарески ќе се претстави со нов авторски материјал кој оваа година ќе биде објавен како 10-ти студиски албум на Шарески. Станува збор за жанровски неограничена и шаренолика музика, аранжирана и составена на начин којшто ги потенцира и инспирира силните индивидуални стилови на несекојдневни музичари. Тој вид на спонтана интеракција, за којашто како подлога се користат уникатните композиции на Шарески, дозволува да се води по интуиција – создавајќи посебен амбиент, возбудлива и единствена музичка авантура, како за публиката, така и за самите музичари.

Роден во Скопје во 1983 година, Георги Шарески е плоден композитор, оркестарски аранжер и гитарист со автентичен и препознатлив стил. Во 2005 дипломира на Катедрата за џез-композиција на музичкиот колеџ Беркли во Бостон, САД. Од 2005 година до сега, објавува девет албуми со авторска музика, во различни формации, домашни и интернационални изданија, и ја изведува својата музика далеку од границите на Македонија.

Соработува со светски познатите – Francesco Bearzatti, Ernst Reijseger, Boris Bell, Luca Aquino, Nikolaus Neuser и многу други интернационално етаблирани музичари. Георги долгорочно престојувал и творел во САД, Италија, Германија и Кина. Автор е на повеќе од 100 композиции, музика за документарен филм и театарски претстави, а како гитарист често гостува во жанровски шаренолики проекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот