Дуодрамата „Емигранти“ во режија на Зоја Бузалковска дава пресек на едно општество во распад

Непосредно пред новогодишните празници, во амбиентот на Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ во Скопје, на 29 декември 2022 година се одржа премиерната изведба на претставата „Емигранти“.

Поставена на текстот на славниот полски драматург и сатиричар Славомир Мрожек и во режија на Зоја Бузалковска во претставата играат актерите Дамјан Цветановски и Григор Јовановски.

– Да се престојува во подрумот, во сутеренот на животот… Да се биде заробеник на мечтите, илузиите, соништата, погрешно поставените тези. Да се слуша животот преку канализационите цевки и вентилационите отвори. Тоа се „Емигрантите“ на Славомир Мрожек, и тогаш кога е напишан овој брилијантен трагикомичен текст, и денес. Секогаш актуелниот Мрожек, точен и болен до коска – се лепи како магнет за секоја пукнатина во надежите, за секое изневерено очекување, за секој изгубен правец, за секој распад на општеството, на личноста – ги открива режисерката Бузалковска своите мотиви за поставување на оваа претстава.

Таа посочува дека станува збор за извонредна провокација за еден веќе искусен режисер и двајца бескрајно надарени млади актери. Брутално реалистичната приказна би можела да биде и нејзина и нивна, истовремено. Нејзина, онаа на заточеничка во својата возраст, во своите позиции во општеството во длабока криза, во своите длабоко пуштени корени тука, во својата потреба од конечна валоризација на еден живот посветен на други, ама на некое друго место, и нивната, онаа на луѓе на стартот на своите надежи и идеали, а веќе изморени од животот во општество кое тврди дека некаде оди со јасна визија, а всушност стои во место, откако се родиле па сè до денес.

Дамјан Цветановски и Григор Јовановски во претставата „Емигранти“

Пикнати во една импровизирана соба во сутеренот на една зграда во голем европски град, двајцата емигранти АА, интелектуалец со политичка предисторија, и ХХ, простодушен човек од село, физички работник, се сокриле од светот, заринкани во сопствените стравови, комплекси, наталожени сеќавања, проекции за самите себеси и претпоставки за себе како туѓи проекции, очекувања што не смеат да ги изневерат.

Во претставата се анализираат два аспекта од животот на ликовите: емигранти во туѓина и емигранти во својата сопствена земја. Првиот аспект алудира на малиот човек наспроти големата метропола, но и на примитивизмот и самодоволноста наспроти европскиот концепт.

Според вториот аспект станува збор за емигранти од своите убедувања. Луѓе побегнати од самите себеси, независно од социјалното милје на кое му припаѓаат, од степенот на едуцираност, од интелектот… Скриени од светот, скриени од самите себеси.

Во целина претставата „Емигранти“ е пресек на едно општество во распад, општество на изгубени души. Сценскиот дизајн за претставата е на Мартин Манев. Продукцијата, како и дизајнот на плакатот и програмата се на Павле Игновски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 163, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот