Думата забрани какво било промовирање хомосексуалност

Русија ЛГБТИ протест 2017 година/ Фото: OLGA MALTSEVA / AFP / Profimedia

Новиот закон предвидува казна до 5 милиони рубљи (82.100 долари) за „обид за промовирање хомосексуалност“ во јавноста, без оглед дали тоа се прави преку книги, весници, телевизии, филмови, реклами или содржини на интернет

Рускиот парламент вчера во третото и завршно гласање го усвои законот со кој се проширува забраната за „промовирање ЛГБТ-пропаганда“ меѓу сите луѓе, независно од возраста. Забраната досега опфаќаше „промовирање ЛГБТ-пропаганда меѓу деца“.

Пратениците во Државната дума истакнуваат дека прават напори за „одбрана на моралот од налетот на неруски декадентни вредности промовирани од Западот“.

– ЛГБТ денес е елемент на хибридната војна. Во оваа хибридна војна ние мораме да ги одбраниме нашите вредности, нашето општество и нашите деца – порача пратеникот Александер Хинстејн, еден од предлагачите на законот.

Новиот закон предвидува казна од 400.000 до 5 милиони рубљи (од 6.600 до 82.100 долари) за „обид за промовирање хомосексуалност“ во јавноста, без оглед дали тоа се прави преку книги, весници, телевизии, филмови, реклами или содржини на интернет. За странските државјани, пак, е предвиден и 15-дневен притвор пред протерување од земјата. Платформата „Тик-ток“ во октомври беше казнета со 3 милиони рубљи поради споделување снимки со ЛГБТ-тематика. Регулаторите притоа ги предупредија издавачите „да ги повлечат од продажба сите книги во кои се промовира хомосексуалност“.

Активисти реагираат дека законот за уште повеќе ги ограничува човековите права, особено на сексуалните и другите малцинства. Мрежата ЛГБТ, организација што им нуди правна помош на хомосексуалци, бисексуалци и трансродови луѓе во Русија, го оцени новиот закон како „апсурден обид да се понижат и дискриминираат припадниците на ЛГБТ заедницата“.
За да почне да се применува, новиот закон треба да биде усвоен и од Федеративниот совет и да биде потпишан од претседателот Владимир Путин. Двата процеса се сметаат за формалност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот