ДУИ против „струјата“ на Муса Џафери во Кичево: Внукот на Ахмети против фаворитот на ДУИ

Фатмир Лимани и Фатмир Дехари, кандидати за Кичево/ Фото: Фејсбук

Претстојните локални избори во една од поголемите општини во земјава според бројот на гласачи (околу 50.000) ќе донесат мошне интересен дуел, практично, меѓу двајца „интегративци“, иако едниот е поранешен функционер на ДУИ. Имено, Фатмир Лимани, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, ја има поддршката на крилото на поранешниот висок функционер на ДУИ, Муса Џафери (иако јавно не е искажана).

Лимани како независен кандидат ќе се натпреварува за челната позиција на општината со кандидатот предложен од ДУИ Фатмир Дехари, инаку актуелен градоначалник на Кичево. Дехари ќе ја има поддршката и на коалицискиот партнер на ДУИ, СДСМ, и на овие избори ќе се обиде да го освои својот трет градоначалнички мандат.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Кичево ќе се натпреварува со доктор Александар Јовановски, поранешен професор во средното општинско училиште „Мирко Милески“, а сега лекар што работи во сопствена приватна здравствена установа. Кандидат на движењето „Македонска ера трета“ е Ѓорѓи Билески. Покрај четирите кандидатури за градоначалник, за Советот на Општина Кичево ќе се натпреваруваат и кандидатите од осум листи за советници.

Изборната програма на Фатмир Дехари, кој е доктор по општествени науки, најавува „Зелена агенда“, односно вложувања во ефективно управување со отпадот, завршување на канализациските мрежи, обезбедување чиста вода за пиење, гасификација, патеки за трчање и возење велосипед, паркинзи, зеленило. Исто така, и електронска администрација на општината, а нула толеранција за отпад, злоупотреби, корупција итн.

– Сметам со поддршката на граѓаните на Кичево да продолжиме со праведно, добро владеење и во следниот мандат 2021-2025 – изјави Дехари.

Програмата на независниот кандидат Лимани, кој е професор по историја и поранешен заменик-директор на ЕСМ, се потпира на финансиска отчетност, транспарентност, отворено партнерство и соработка, меритократија, подобри услови за образование, здравство, како и приоритет при вработување и грантови за млади парови.

– Целта ни е да изготвиме локална економска програма за да го развиеме земјоделството и сточарството. Грижата за планините, шумите и животната средина е исто така наш приоритет – вели Лимани.

Јовановски, покрај урбанизација на градот и проекти од екологијата, ветува дека ако стане градоначалник, општината ќе додели стипендии за ученици и студенти од социјално загрозени семејства.
– Гасификацијата е наш приоритет, со надеж дека во најскоро време ќе заврши изградбата на магистралниот крак – вели Јовановски.

Билески својата програма ја сублимира во четири целини – екологија, стопанство, инфраструктура, спорт и рекреација.

– Ќе разговараме со првите луѓе на РЕК „Осломеј“ за намалување на емисијата на штетни честички, како и за почести мерења на амбиенталниот воздух околу објектот – истакна Билески.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот